„Отворени финансии“ – платформа за транспарентно трошење пари

Граѓаните преку платформата „Отворени финансии“ ќе можат да проверат кој министер колку и каде ги троши парите собрани во државната каса и доколку наидат на сомнителна трансакција ќе можат да побараат и дополнителни информации.
Досега во платформата се внесени податоци од Владата, министерствата, фондовите, разни агенции и комисии, поточно од 1.105 институции на државно ниво.
Според премиерот Зоран Заев, ова е првата фаза во која се внесени податоците на државните органи, а веќе во втората фаза се очекува и приклучувањето на општините, кои треба да донесат одлука за отворање на своите буџети и на буџетите на нивните корисници за јавноста.


И загадувањето го кочи туризмот

Загадувањето на воздухот, отпадот, несоодветната туристичка понуда и нелојалната конкуренција влијаат врз туризмот. Туристичките работници бараат системски мерки од институциите и долгорочна кампања за издигнување на јавната свест за фрлање отпад и поголема ажурност од комуналните претпријатија и од општините. Претседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори, Владимир Граматиков, вели дека не може да развиваме туризам ако екологијата е на ниско ниво.
– Насекаде околу нас има отпадоци, полни контејнери и ѓубре наместо жардиниери со цвеќе. Промовираме планински туризам и доаѓаат туристи што уживаат во планините, но отпадот што го има насекаде станува трн во око. Туристите велат дека се задоволни од храната и гостопримството, но истакнуваат оти многу е валкано и дека мора да работиме на екологијата – истакна Граматиков.
Загадувањето на воздухот, според него, остава лош впечаток бидејќи кога доаѓаат туристите во земјава не знаат за него, но кога се враќаат во сопствените држави го пренесуваат тоа, што се рефлектира негативно на следните тури што треба да дојдат.


Украина не го прифаќа предлогот на „Газпром“

Украинскиот министер за енергетика Алексеј Оржељ остро реагираше на понудата на руски „Газпром“ за продолжување на договорот за транзит на гас или за склучување нов договор, што би вклучувало откажување од меѓусебните тужби, парници и арбитражи.
– Да бидеме отворени. Тој предлог за Украина е неприфатлив, бидејќи би требало да се откажеме од арбитражата и да потпишеме договор на само една година во која би се користел украинскиот гасен транспортен систем – рече Оржељ, притоа додавајќи дека дијалогот треба да продолжи. Договорот меѓу Русија и Украина за транзит на гас истекува на 31 декември оваа година. Москва, Киев и Европската комисија преговараат за продолжување, но засега безуспешно.