„Горење“ отпушта 2.200 работници

Словенечкиот производител на апарати за домаќинството „Горење“ поради кризата настаната со пандемијата на коронавирусот ќе отпушти 2.200 работници, објави словенечката државна телевизија.
„Горење“ се одлучи на отпуштања на вонреден состанок на управата, а како причина го наведува падот на побарувачката поради пандемијата.
Од вкупно 2.200 отпуштања, 1.000 ќе бидат во Словенија, а остатокот во подружниците во другите држави.
Во април минатата година во оваа компанија биле вработени 9.300 луѓе. „Горење“ е еден од најголемите словенечки извозници, со фабрики во Србија и во Чешка, а во 2018 година компанијата ја презеде кинески „Хајсенс“.

„Фејсбук“ инвестира 5,7 милијарди долари во дигитална компанија во Индија

„Фејсбук“ се стекна со голем сопственички удел во дигиталниот разгранок на големиот индиски конгломерат „Релианс индустрис“, со намера да го зголеми присуството во таа земја, која ја гледа како еден од своите најбрзорастечки пазари, јавуваат американските медиуми.
Оваа социјална мрежа инвестира 5,7 милијарди долари во фирмата „Јио платформс“ во сопственост на „Релианс индустрис“, со која управува милијардерот Мукеш Амбани. „Фејсбук“ со оваа инвестиција се стекна со 9,99 отсто од сопственичкиот удел во „Јио платформс“, чија вредност пред оваа инвестиција беше проценета на 65,95 милијарди долари.
Индија е клучен пазар за сервисот „Вац ап“ на „Фејсбук“, кој во оваа земја има над 400 милиони корисници.

Трговците со нафта во потрага по простор за складирање

Трговците со нафта се мачат со пронаоѓање доволно бродови, железнички вагони, резервоари и нафтоводи за складирање на горивото, додека вообичаените магацини се полни поради глобалниот пад на побарувачката предизвикан од корона-кризата.
Десетици нафтени танкери се резервирани последните денови за складирање на барем 30 милиони барели млазно гориво, бензин и дизел, па, така, функционираат како пловечки магацини, додека копнените складишта веќе се резервирани или полни.
Побарувачката за нафта и нафтени деривати падна дури за 30 отсто откако владите низ светот им порачаа на граѓаните да останат дома за да се спречи ширењето на коронавирусот.