Регионот оди во рецесија

Пандемијата на коронавирусот значително влијаеше врз економиите во земјите во регионот, покажуваат најновите податоци на Светската банка (СБ).
Хрватска веќе е на „пат на длабока рецесија“, а ако пандемијата не запре до август, Црна Гора би можела да се најде во рецесија слична на онаа од 2009 година.
Под удар е и со децении стабилната словенечка економија, а Македонија ќе мора многу да се задолжи за да го амортизира ударот од кризата.
Според прелиминарните процени, штетата што во првите неколку недели ја претрпе само угостителскиот бизнис во Македонија, односно рестораните, хотелите и туристичките агенции, изнесува 70 милиони евра. Последиците во меѓувреме станаа повеќекратно зголемени.

„Амазон“ планира да вработи 75.000 работници

Компанијата за електронско тргување „Амазон“ планира да вработи уште 75.000 луѓе на повеќе работни позиции, од магационери до возачи на возила за достава, откако скокнаа онлајн-нарачките во време на пандемијата на коронавирусот.
Американскиот гигант во електронската трговија соопшти дека прогнозира раст на издатоците за зголемување на платите на работниците низ светот за повеќе од 500 милиони долари во текот на пандемијата, во однос на претходната процена од 350 милиони долари, пренесува „Ројтерс“.
Најавата за нови вработувања следува откако „Амазон“ неодамна ангажира нови 100.000 магационери и работници за достава поради наглиот скок на побарувачката.