Паднаa инвестициите во нови ветроцентрали

Инвестициите во нови проекти на ветроцентрали во Европа паднале во 2019 година речиси за 25 отсто, на 19 милијарди евра, а оваа година се очекуваат и доцнења во финансирањето, соопшти во вторникот индустриската група „Винд Јуроп“.
Кога ќе се пресметаат рефинансирањето, аквизициите и другите трансакции поврзани со постојните ветроцентрали, вкупните инвестиции во 2019 година во Европа изнесувале 52 милијарди евра, што е за пет милијарди помалку во однос на 2018 година, истакна групата во годишниот извештај.
– Проектите на ветроцентралите ја прават привлечна инвестицијата и долгорочно би требало да има доволно капитал за нивно финансирање. Краткорочно гледано, глобалната економска ситуација што произлегува од пандемијата ковид-19 е неизвесна, а доцнењето во финансирањето во нови фарми е неизбежно – се наведува во извештајот.

Јавната потрошувачка во Италија може да падне и до 10 отсто

Јавната потрошувачка во Италија ќе падне речиси 10 отсто доколку карантинот воведен поради коронавирусот биде продолжен до јуни, проценува италијанскиот завод за статистика „Истат“.
– Кризата предизвикана од епидемијата на коронавирусот ги погоди компаниите и домаќинствата во Италија со незапаметен интензитет, посилно дури и од финансиската криза во 2008 година – констатира „Истат“.
Според полошото сценарио, кое предвидува продолжување на карантинот до јуни, јавната потрошувачка на годишно ниво би можела да падне за 9,9 отсто, а дополнителната вредност за 4,5 отсто, предвидува тамошниот завод за статистика.
Поповолното сценарио подразбира завршување на карантинот во април. Двомесечниот карантин би резултирал со пад на јавната потрошувачка на годишно ниво за 4,1 отсто, како и со намалување на дополнителната вредност за 1,9 отсто, проценуваат во „Истат“.

Европските болници остануваат без лекови

На болниците во Европската Унија им се заканува недостиг од клучните средства за лекување на заболените од ковид-19 поради трговските рестрикции и таложењето резерви на одделни земји, предупредуваат агенциите за лекови и фармацевтскиот сектор.
И покрај повиците за солидарност, многу членки на ЕУ посегнаа по протекционистички мерки, ограничување на продажбата на клучни производи, како лекови, заштитни маски и медицински уреди.
– Некои членки на ЕУ посочија дека им недостигаат одредени лекови што се користат за лекување на заболените од ковид-19, односно дека многу скоро очекуваат недостиг – соопшти Европската агенција за лекови.
Најчесто недостигаат лекови што се користат за лекувањето на пациентите со најтешки компликации предизвикани од инфекцијата со новиот вирус, вклучувајќи и лекови што се користат на одделите за интензивна нега, како анестетици, антибиотици и лекови за опуштање на мускулите, кои им овозможуваат на пациентите да дишат со помош на респиратор.