Најголем шок за економијата во последните сто години

Шокот за луѓето, но и за приходите, по преземените мерки за сузбивање на коронавирусот, би можел да биде најголем во последните сто години, проценија стручњаците од консултантската куќа „Вуд Мекензи“.
Според нивното мислење, две работи се сигурни, ако не биде запрен вирусот, многу луѓе ќе умрат, а ако обидите да се запре пандемијата нанесат сериозна штета врз економијата, не е тешко да се замисли дека тоа ќе доведе до дополнителни страдања во иднина.
– Вториот квартал оваа година би можел да биде најлош втор квартал во глобалната економија од времето на Втората светска војна – предупредија експертите од „Вуд Мекензи“.

Падот на австриската економија зависи од мерките за сузбивање на вирусот

Експерти од економските институти ИХ“ и „Вифо“ очекуваат кризата поврзана со коронавирусот да има тешки негативни последици по австриската економија. Наместо со прогнози, тие излегоа со можни сценарија, во кои заедничко е падот на економијата, односно дека кризата ќе предизвика огромен дефицит во буџетот и пораст на невработеноста. Во најдобар случај, оваа година австрискиот БДП би можел да падне за два до два и пол отсто. По остриот пад во првата половина на годината, би можело во случај на нормализација на состојбата да дојде до закрепнување на економијата во втората половина на годината и да продолжи и во 2021 година.
Но директорот на ИХС, Мартин Кохер, истакнува дека постојат многу несигурности и дека е тешко да се прогнозира, бидејќи постојано се менуваат условите. Шефот на „Вифо“, Кристоф Баделт, вели дека сериозна прогноза не е можна и дека падот на економијата зависи од тоа колку долго ќе траат мерките за сузбивање на вирусот.

„Катар ервејс“ бележи пад на работењето од 75 отсто

Катарскиот државен авиопревозник „Катар ервејс“ соопшти дека работењето на компанијата опаднало за повеќе од 75 отсто поради пандемијата на коронавирусот.
Претставник на меѓународниот аеродром „Хамад“ изјави за катарската државна телевизија дека досега се приземјени 75 отсто од флотата на „Катар ервејс“, притоа додавајќи дека наскоро ќе бидат приземјени 90 отсто од авионите на компанијата.
Како што пренесува Ројтерс, на самиот катарски аеродром бројот на летови опаднал за 90 отсто. „Катар ервејс груп“ во својата флота има повеќе од 200 авиони и вработува повеќе од 43.000 луѓе.