Фото: Игор Бансколиев

Германските градежници бараат да продолжи „западнобалканското правило“

ерманското градежништво бележи бум и има огромна потреба од работници, поради што бара продолжување на „западнобалканското правило“. Тие стравуваат дека во спротивно може да се јави недостиг на персонал.
Здружението на градежниците во Германија посочува дека за да се одржи градежниот бум, неопходен е персонал од странство и додаваат дека најмногу работници во Германија доаѓаат од државите од Западен Балкан. Весникот „Велт“ наведува дека западнобалканското правило истекува на крајот од 2020 година.

Намалени цените на бензините

Цените на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98 се намалуваат за 0,50 денари за литар и ќе се продаваат за 68 и за 70 денари. Малопродажната цена на еуродизел останува непроменета и изнесува 62 денари за литар.

Пораст на директните странски инвестиции во Кина

Директните странски инвестиции во Кина во првите десет месеци од оваа година во однос на истиот период лани пораснале за 6,6 отсто. Притоа тие се искачиле на 107,6 милијарди долари или 752,4 милијарди јуани, објави кинеското министерство за трговија.
Во октомври директните странски инвестиции во Кина во однос на истиот период лани пораснале за 7,4 отсто, односно на 69,2 милијарди јуани.

Компаниите да ја подобрат енергетската ефикасност

Вкупно 250 компании од индустријата ќе бидат обврзани да инвестираат во енергетска ефикасност, предвидува новиот закон за енергетска ефикасност, кој е во собраниска процедура. Компаниите ќе треба да обучат и кадри што ќе го водат процесот, а ќе имаат и можност да аплицираат за донации од странство. При имплементацијата на законот ќе се води сметка инвестициите да не ја загрозат нивната финансиска состојба, да не влијаат на нивната конкурентност и на процесот на производството.

Наградна игра за мој ДДВ

Два милиони денари изнесува наградата што ќе ѝ биде доделена на компанијата што ќе победи при изборот на иновативна маркетинг-стратегија за наградната игра „Мој ДДВ#Моја награда“, најавија од Министерството за финансии и од Фондот за иновации и технолошки развој. Со мобилната апликација ќе има можност да се гледа износот на парите што ќе бидат исплатени, но и преку неа да се пријави кога нема да биде издадена фискална сметка.