„Бритиш ервејс“ привремено отпушта 36.000 работници

Воздухопловната компанија „Бритиш ервејс“ привремено ќе отпушти 36.000 вработени поради негативните последици од ширењето на коронавирусот, најави Би-би-си.
Компанијата постигна договор со индустрискиот синдикат „Јунит јунион“, а тој вклучува моментална суспензија на работните места за околу 80 отсто од кабинскиот персонал, персоналот на земја, инженерите, како и оние што работат во централата на компанијата, информира Би-би-си.
– Разговорите со синдикатот сè уште се во тек – порачаа во кратката изјава од „Бритиш ервејс“.

Словенечкиот мегазакон за ублажување на кризата ќе важи ретроактивно

Словенечкиот мегазакон за ублажување на социјалните и економските последици од епидемијата на ковид-19, ќе важи од 13 март кога беше прогласена епидемијата, а не од 1 април, како што првично предлагаше Владата.
Таквата одлука беше донесена во средата, на расправата по предлог-законот пред матичните собраниски комисии, а тоа беше предложено едногласно, со гласовите на владејачките и на опозициските партии.
Законскиот пакет е тежок речиси три милијарди евра, но некои опозициски партии оценија дека не ги опфаќа сите категории на населението, на кои, поради очекуваната економска криза и рецесијата, ќе им треба финансиска помош.

Замрзна најдобриот светски пазар на злато

Пандемијата на ковид-19 го замрзна кинескиот пазар со злато, минирајќи ја побарувачката во време кога инвеститорите во светот бараат спас во златните прачки.
Кина е најголем купувач на златни прачки, кованици и накит, но вирусот ги испразни трговските центри, додека премијата наплатена за купување на овој метал во Кина исчезна. Индустријата ја очекува долг пат кон закрепнување, без оглед што Пекинг се обидува да поттикне поширока потрошувачка преку кампањи за мотивирање на потрошувачите, пишува „Блумберг“.
Турбуленциите на пазарот во Кина резултираа со цени, кои минатиот месец надминаа 1.700 долари за унца, првпат во седум години.
Златото, исто така, се соочува со забавена продажба во Индија, Европа и во САД, а тука изненадувачка е и одлуката на Русија, да го запре купувањето од страна на својата централна банка.
Минатата година, кинеските потрошувачи сочинуваа околу петтина од вкупната побарувачка за злато, од 4.356 тони, според податоците на Светскиот совет за злато.