Американска компанија  ја призна вината за страшните пожари во Калифорнија

Американското комунално претпријатие „Пацифик гас едн електрик“ призна дека е виновно за смртта на речиси 100 луѓе и за пожарите што го опустошија калифорнискиот град Парадајс во 2018 година.
Неисправните далноводи се причина за најсмртоносниот пожар во поновата историја на Калифорнија, во кој настрада целиот град и загинаа 86 луѓе.
Компанијата ја призна вината во спогодбата склучена на почетокот на неделата.
– Пожарот избувна поради нашата опрема. Тоа е факт и со овој договор за признавање на вината ја прифаќаме одговорноста за својата улога во тој пожар – изјави Бил Џонсон, извршен директор на компанијата.
Компанијата ќе плати максимално четири милиони долари парични казни и ќе ги финансира трошоците за обнова.

Виетнам го прекинува извозот на ориз

Виетнам го прекина извозот на ориз за да ги провери резервите и да обезбеди снабдување на своите граѓани за време на пандемијата на короновирусот, порача виетнамската влада.
Извозот на ориз од Виетнам порасна минатата година за 4,2 отсто, на 6,37 милиони тони, што на оваа азиска земја ѝ ја обезбеди позицијата на трет извозник во светот, по Индија и Тајланд. Најголемите купувачи на виетнамски ориз се Филипини, Кина и некои африкански земји.
– Овој потег на Виетнам предизвикува големо внимание на меѓународниот пазар. Ако земјите што извезуваат храна започнат да го ограничуваат снабдувањето за да обезбедат намирување на сопствените потреби, тоа би била голема причина за загриженост – рече анонимен европски трговец со ориз.
Земјата има регистрирано 134 случаи на зараза со коронавирусот, без починати. Над 1.500 граѓани се во изолација и под надзор.

Мнозинството граѓани од Г7 очекуваат помали примања

Речиси три четвртини од граѓаните од групата на седум најбогати земји во светот очекуваат помали примања на домаќинствата поради пандемијата на коронавирусот, покажа истражувањето на аналитичката куќа „Кантар“ објавено оваа недела.
За да се запре заразниот вирус, изолирани се цели региони, запрено е давањето услуги и производството, а прекинати се и синџирите на снабдување.
Во Италија, која во моментот ги трпи најтешките последици од заразата во Европа, дури 82 отсто од испитаниците опфатени со истражувањето навеле дека примањата во нивните домаќинства се намалиле поради епидемијата, односно очекуваат нивен пад.
Колку за споредба, во САД таква оцена навеле 74 отсто од испитаниците, додека во Велика Британија 70 отсто. Најмал удел на испитаници што очекуваат финансиски притисок има во Германија.