Наградна игра „МојДДВ #МојаНаграда“ – од средината на декември

Мој ДДВ покажува дека дава резултати за целта за која е наменет, односно над 150.000 луѓе активно скенираат сметки и на тој начин помагаат во решавањето на еден значаен проблем – сивата економија, вели министерката за финансии Нина Ангеловска.
– Сакаме овој опсег уште повеќе да се прошири. За таа цел од средината на декември ќе започне „МојДДВ #МојаНаграда“. Наградниот фонд за играта ќе биде половина милион евра и ќе се доделуваат парични награди на дневна, месечна основа, како и две главни премии. Покрај повратот, кој ќе го остваруваат граѓаните со скенирање на фискалните сметки, тие ќе може да станат и добитници на парична награда. Со ова граѓаните ќе имаат уште поголем мотив да влијаат и на адресирањето на сивата економија, односно секоја скенирана фискална сметка потенцијално е добитна – односно зборуваме за една вин-вин наградна игра, бидејќи сите добиваме – единствено кога губи сивата економија. Надградената мобилна апликација ќе содржи и едукативни елементи – вели Ангеловска.


Пуштена во сообраќај првата нова електролокомотива

„Железници транспорт“ АД Скопје ја пушти во сообраќај првата од четирите нови електролокомотиви, откако претходно беше извршена контрола пред испорака кај производителот, кинеската ЦРРС. Вредноста на една електролокомотива изнесува 2,13 милиони евра, обезбедени од кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР)).
– Локомотивата ги помина сите тестови и добиен е ТСИ-сертификат од страна на производителот, како и дозвола за пуштање во сообраќај од страна на Управата за сигурност во железничкиот сообраќај. Од страна на „Железници на РСМ транспорт“ се направени тестирања според тендерските барања на пругите низ државава, со што се утврди дека тестирањата го задоволија тендерското барање да повлече 1.600 тони на 17 промили – соопштија од „Железници на РСМ транспорт“.
Првата електролокомотива беше испорачана во мај, но не беше пуштена во сообраќај, бидејќи, како што образложија од „Железници транспорт“, не била пристигната комплетната техничка документација за неа. За да се добие дозвола за пуштање во сообраќај локомотивата треба да поседува Европски сертификат за импероперабилност (ТСИ-сертификат) и да биде извршен технички прием на истата таа – информираа во август од „Железници на РСМ – транспорт“.
Генералниот директор на „Железници транспорт“ Орхан Муртезани при престојот во Кина, кога се вршеа последните проверки, најави дека до средината на следниот месец во Скопје ќе пристигнат и преостанатите три локомотиви, во согласност со договорот со ЦРРС. Договорот за набавка на четирите електрични локомотиви беше потпишан во јануари 2017 година.