Американската економија веќе е во рецесија

Станува сè појасно дека коронавирусот ќе ја прекине најдолгата економска експанзија во САД, бидејќи во напорите да се спречи ширењето на вирусот се парализирани голем број бизнис-сектори, па многу аналитичари сметаат дека најголемата светска економија веќе потона во рецесија.
– Веќе сме во рецесија – вели Робин Брукс, главен економист во Институтот за меѓународни финансии, кој проценува дека американскиот бруто-домашен производ (БДП) во првото тримесечје ќе падне за 0,2 отсто, а во второто тримесечје за 3,6 отсто.
Тој истакнува дека причина за тоа се токму мерките, кои се нужни да се спречи ширењето на коронавирусот, поточно карантините, ограничувањата на патувањата и затворањето на услужните дејности и компаниите, што го запре секојдневното работење и ја турна економијата во првата рецесија од финансиската криза во 2008 година.
Тоа се само некои од мерките со кои се настојува да се забави ширењето на коронавирусот во САД, каде што досега се забележани речиси 8.000 заразени, додека од вирусот починале 145 луѓе.

Светот е пред најголемата економска криза

Владите низ светот се обидуваат да го запрат ширењето на ковид-19, кој ја загрозува економијата на глобално ниво.
Познатиот американски инвеститор Џим Роџерс повеќе не го поставува прашањето дали финансиските последици од пандемијата ќе бидат големи, туку е сигурен дека претстои најголема економска криза досега.
Според неговите зборови, многумина ќе страдаат поради последиците од пандемијата на коронавирусот, бидејќи тие ќе бидат воочливи долго откако вирусот ќе биде совладан, пишува РТ.
– Веќе реков дека следниот финансиски проблем ќе биде најлош досега – вели Роџерс, притоа истакнува дека веќе се оди кон финансиска криза, која ќе се почувствува за неколку месеци.
Тој додава дека многу индустрии, како што се авионската и туристичката, ќе претрпат голема штета. Компаниите со големи долгови се особено загрозени, особено оние што учествуваат во меѓународната трговија.
– Некои од нив ќе банкротираат – рече Роџерс, додавајќи дека авио и бродските компании, веројатно, ќе бидат спасени од државите, бидејќи секаков друг исход би бил „срамен“.
Што се однесува до немирите на финансиските пазари, повеќето од тие пазари не беа подготвени за глобална здравствена криза и не знаеја дека таа доаѓа. Сепак, причината за овој хаос, според Роџерс, не е само вирусот, туку многу повеќе од него.
Со оглед на несигурната ситуација, тој ги советува инвеститорите да ги вложат своите пари само во тоа за што имаат многу познавања.