Рекордно намалување на цените на горивата

Регулаторната комисија за енергетика рекордно ги намали цените на горивата. Синоќа на полноќ бензините поевтинија за 7,5 денари, а дизелот за 6 денари, па од денеска „еуросупер 95“ се продава за 54,5 денари, „еуросупер 98“ за 56,5 денари и дизелот за 48,5 денари. Драматичниот пад се должи на падот на цената на нафтата на светско ниво. Од комисијата соопштија дека додека траат мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, нема да има исклучување вода, струја и парно.

ФЕД ја намали каматната стапка речиси на нула

Американската централна банка ФЕД ја намали клучната каматна стапка за цел отстотен бод, речиси на нула отсто, за давање поддршка на економијата поради последиците од кризата предизвикана од коронавирусот.
Тоа е веќе втора интервенција на ФЕД овој месец, со оглед дека на почетокот на март веќе ја намали клучната каматна стапка за половина отстотен бод, што е прва таква итна мерка од глобалната финансиска криза во 2008 година. Од ФЕД порачуваат дека „ефектите од коронавирусот на краток рок ќе се одразат врз економските активности и претставуваат ризик за економските проекции“.