Германија би можела да купи удели во клучните компании

Германската влада не се откажува од можноста поради епидемијата со коронавирусот да ги преземе уделите во клучните компании, а во подготовка се и милијарди евра помош за работниците и компаниите.

– Слични прашања за технолошкиот и економскиот суверенитет можат да се отворат во случај на криза каква што предизвика коронавирусот – рече германскиот министер за економија Петер Алтмаер за неделникот „Дер Шпигел“.
Според него, засега не се разгледува поширок бран на национализација, иако како вели, на фармацевтскиот сектор, кој набавува многу лекови од Азија, можеби му е потребна помош.

Од друга страна, анонимни извори за ДПА велат дека министрите за економија и за финансии планираат милијарди евра финансиска помош за компаниите и работниците погодени со епидемијата.

Составен дел од пакетот би требало да биде одложување на наплатата на даноците за да се отстранат проблемите во паричниот биланс на компаниите.
Германскиот парламент вчера во скратена постапка усвои редица мерки, кои би требало да обезбедат додаток на платите на работниците вработени на одредено време.

Забави растот на глобалната трговија со услуги

Растот на глобалната трговија со услуги ослабе на почетокот на 2020 година бидејќи епидемијата на ковид-19 влијаеше врз глобалната економија, посебно врз авиосообраќајот и контејнерскиот превоз на стока, соопшти Светската трговска организација(СТО).

Индексот на трговијата со услуги паднал на 96,8 бода од 98,4 бода, забележани во септември минатата година. Резултатите пониски од 100 укажуваат на раст на трговијата под просечниот тренд.

СТО напоменува дека новата бројка не го опфаќа во целост економското влијание на новиот коронавирус и дека индексот во месеците што следат би можел дополнително да падне.

Најголем пад е забележан во превозот на патници и контејнерскиот превоз на товар, а послаби се од просечниот тренд и секторите на финансиски и на ИТ-услуги. Во градежниот сектор движењата се помалку или повеќе непроменети.
Растот на светската трговија на услуги континуирано се намалува во 2019 година, од 4,7 отсто во првото тримесечје, на 2,8 отсто во третото тримесечје, наведува СТО.