Фото: Игор Бансколиев

Откупот и продажбата на земјоделските производи намалени за 6,6 отсто

Во третото тримесечје од 2019 година, откупот и продажбата на земјоделските производи се намалени за 6,6 отсто во однос на истиот период лани.
Според Државниот завод за статистика, кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е забележано намалување за 4,7 проценти, а кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство е забележано намалување за 8,9 отсто.

Зголемување на откупот и продажбата на земјоделските производи е забележано кај житата, градинарските растенија, добитокот и млечните производи, а намалување кај индустриските растенија, фуражните растенија, овошјето, грозјето, алкохолните пијалаци, живината, јајцата, млекото, кожата и волната и рибата.

Производство на шумски производи

За 7 проценти е намалено вкупното производство на шумски производи во државните шуми во третото тримесечје од 2019 година во однос на истиот период лани. Според Државниот завод за статистика, зголемување на шумското производство е забележано кај трупците од иглолисни видови, рудничкото дрво од иглолисни и листопадни видови, просторното дрво од иглолисни видови и огревното дрво од иглолисни видови.
Намалување на шумското производство има кај трупците од листопадни видови, другото обло дрво од иглолисни видови и огревното дрво од листопадни видови.

Реконструкција на 1.200 километри патна мрежа

Силната инвестициска активност во инфраструктурата продолжува и во четвртиот квартал. Очекувам голема реализација на капиталните инвестиции, бидејќи во ресорот транспорт четвртиот квартал е и најсилен, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при работната посета на Валандово. Заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, и со градоначалникот на општината Валандово, Перо Костадинов, извршија увид во реконструкцијата на државниот пат Смоквица – Удово.
Реконструкцијата на патниот правец е во должина од шест километри, а вредноста на инвестицијата е 46,3 милиони денари.
– Временските услови се на наша страна, со што ни овозможуваат добра и долга градежна сезона. Реконструкцијата на овој патен правец е од огромно значење за населените места што гравитираат кон Валандово. Во овој регион следната година се предвидени реконструкции на неколку регионални патишта – кажа Сугарески.
Директорот Китанов истакна дека овој пат е значаен бидејќи ги поврзува Валандово и Струмица со коридорот 10.