Фото: Игор Бансколиев

Постојаните менувања на законските решенија, нивното носење по брза постапка и без консултации со бизнис-секторот, како и повлекувањата или одложувањата на примената на законите, според бизнис-заедницата, ја стимулира сивата економија и ги прави измените неприменливи во практиката

Честите измени на законите, одложувањето на нивната примена или нивното укинување создаваат правна несигурност кај компаниите, а наметнуваат и обврска фирмите постојано да се адаптираат на нови правила. Бизнис-заедницата честопати укажува дека е неопходна стабилност, а во таа насока се и нивните забелешки за честите измени или повлекувања на законите, како и за мораториумите за градба, со кои се стопира изградба на објекти за кои инвеститорите имаат одобрение.

– Анализите покажуваат дека во моментов во Македонија имаме во примена над 3.000 законски прописи и речиси 25 илјади подзаконски акти како уредби, правилници, упатства, одлуки. Ако на тоа го додадеме и фактот што секој закон е изменуван или дополнуван најмалку двапати, а во практика имаме и закони што се менувани и по 10 или 20 пати, тогаш станува јасно дека и најдобриот менаџер, па и најдобриот правник во една институција или компанија не може да ги следи измените и да ја знае важечката регулатива. Како пример ќе ги споменам Законот за работни односи, кој е менуван 22 пати досега, Законот за градење, дополнуван 29 пати и Законот за животната средина, со 16 измени и дополнувања – вели Елена Милевска Штрбевска, главна советничка за правни прашања на управниот одбор на Стопанската комора на Македонија.

Таа додава дека овој проблем е уште посложен, ако станува збор за компании што се дел од меѓународни корпорации, кои покрај домашната регулатива, се должни да ги почитуваат и стандардите и принципите на работа на своите матични компании, како и меѓународните стандарди за финансиско известување.
– Бизнисот одамна апелира дека е потребно да се направи дерегулација. И навистина не е потребно законско нормирање на прашањата, кои претставуваат дополнителен финансиски товар за бизнис-секторот, а немаат економска логика. Има и случаи каде што претераната регулација претставува пречка за натамошен развој на бизнисот, а со тоа и кочница во натамошниот економски напредок на државата – додава Милевска Штрбевска.

Честото менување на законските решенија и нивното носење по брза постапка и без консултации со бизнис-секторот ја стимулира сивата економија и ги прави измените неприменливи во практиката, а воедно влева несигурност кај компаниите, порачаа од Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК). Оттаму апелираат во иднина заедно да се носат квалитетни законски решенија за да нема потреба од импровизација при нивната примена. На тој начин, според нив, компаниите ќе можат да го планираат својот развој, а истовремено ќе може да се намали и сивата економија.

Претставниците на Стопанската комора на Македонија додаваат дека повлекувањето на Законот за данок на личен доход е добредојдено и потсетуваат дека две недели пред Министерството за финансии да објави, упатиле јавен повик до надлежните институции да се преиспитаат ефектите од воведувањето прогресивно оданочување.
– За бизнисот е добро што министерството имаше слух за укажувањата дека одредени решенија се проблематични, независно дали тоа е мотивирано од актуелната политичка состојба. Ако зборуваме за системски пристап проблематично е што нашите реакции не беа земени предвид пред воведувањето, а и тогаш бизнис-заедницата укажуваше на негативните ефекти. Кога станува збор за системски промени со финансиски импликации врз бизнисот, државните органи мора да воспостават практика задолжително да ги имаат предвид состојбите во реалниот сектор и не само формално, туку реално да ги земаат предвид укажувањата на комората како застапник на бизнис-секторот – истакнуваат од СКМ.

Неодамна беше укинат и Законот за трговија на зелени пазари, чија имплементација, според Групацијата на пазарите, би довела до социјални и фискални последици врз продавачите на зелените пазари, а не би имала никакво дополнително регулирање на кој било сегмент од дејноста. Во изминатиов период за бизнис-заедницата кочница претставуваа и мораториумите за градба во општините, за кои Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, иако ги поддржува активностите за планско работење и урбано живеење, сепак истакна дека мораториумите траат предолго и наместо посакуваната цел предизвикуваат сериозни штети и загуби за градежните компании.

– Според компаниите, намалената градежна активност во делот на високоградбата, доведува и до намалување на побарувачката за градежни материјали, што се одразува на целокупниот градежен сектор и преостанатите сектори ако се земе предвид дека градежништвото е поврзано со околу 25 други стопански гранки и претставува еден од секторите, кои се двигатели на домашната економија. Мораториумот како инструмент со кои се запира градбата би требало да претставува само ургентно решение и да се применува во исклучителни ситуации, кои ќе бидат јасно и прецизно дефинирани во правната рамка бидејќи во спротивно може да доведе до несигурност и неизвесност од аспект на планирање на инвестициите и работата на градежните компании – посочуваат од Здружението на градежништвото.

Во таа насока изминатиот период, здружението апелираше активностите за ревизија на плановите да се одвиваат системски и со позабрзано темпо, а компаниите редовно да бидат информирани за извршената ревизија, за да може да ги планираат инвестициите и проектите за следниот период.

– Во иднина сметаме дека сите мерки од ваков и сличен карактер треба да се разгледуваат и преземаат во консултација со бизнис-заедницата, истовремено водејќи сметка за интересите на граѓаните, јавниот интерес и интересите на бизнисот – дополнуваат од здружението.