Фото: Игор Бансколиев

Анкетата на Стопанската комора на Македонија направена меѓу компаниите покажува дека 90 отсто од анкетираните бараат намалување на даночните казни, 45 отсто се заложуваат за поголема обученост на даночната администрација, 70 отсто сметаат дека Царината е ефикасна, но бараат попрофесионален однос на цариниците на граничните премини Табановце и Блаце

Ефикасното спроведување на царинските процедури во прекуграничното движење на стоките и адекватното спроведување на даночната политика се едни од клучните фактори што влијаат на конкурентноста на македонската економија.
Поефикасна и побрза администрација, избегнување на честото менување на даночната регулатива, двојно намалување на казните, се само дел од барањата што бизнис-заедницата ги упати до првите луѓе на Управата за јавни приходи и Царинската управа како институции чие функционирање најмногу влијае врз работењето на компаниите.
Анкетата на Стопанската комора на Македонија направена меѓу компаниите, за преземање соодветни активности од аспект на поедноставување, модренизирање и хармонизирање на царинските и даночните формалности, покажува дека 90 отсто од анкетираните побарале намалување на даночните казни, 45 отсто се изјасниле дека е потребна зголемена обученост на даночната администрација, 70 отсто сметаат дека Царината е ефикасна, но бараат попрофесионален однос на цариниците на граничните премини Табановце и Блаце.

Компаниите вклучени во оваа анкета укажале на низа потребни активности за подобрување на состојбите: да се подобри функционалноста на царинските системи, да се пристапи кон мрежна поврзаност на сите надлежни институции во процесот на царинење, да се создадат услови за доставување на целокупната документација во електронска форма, инфраструктурно подобрување на граничните премини. Тие нагласија дека треба да се подобри професионалниот однос на вработените преку соодветни обуки, да се зголеми бројот на цариници за време на викендите и празниците, исто така како внатрешна инспекција да се врати Агенцијата за храна и ветеринарство и да има 24 часа фитосанитарен доктор.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, истакна дека најзначајни партнери на компаниите се Царината и Управата за јавни приходи и дека треба меѓу компаниите и овие две институции да се гради партнерски однос.
– Брзината е значајна работа кај бизнисот, а кај администрацијата има бавност во работењето. Она на што треба да работиме во иднина е тие во својата работа да се приближат – вели Азески.

Директорката на УЈП, Сања Лукареска, истакна дека УЈП е отворена институција за даночните обврзници, посочи на сите новини и активности што работат и информира дека се работи на текстот за персоналниот данок на доход кој ќе почне да се применува од 2019 година за воведување на прогресивното оданочување, како и на активности за повратот на ДДВ кај граѓаните.
Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, најави дека голем број дозволи што досега им биле потребни на компаниите нема да им требаат и дека за олеснување на движењето на стоките на граничните премини ќе почне заедничкото царинење со Србија, а се работи и за заедничко царинење со Албанија и со Косово.
– Големо олеснување ќе биде и воведувањето овластен економски оператор на компаниите – посочи Танасоски, најавувајќи дека подготвува и нов закон за акцизи, кој ќе предвидува нов начин на пресметка на акцизите при увозот на енергентите.