Бесими: Ситуацијата е сериозна, но финансискиот систем е стабилен

Министерот за финансии Фатмир Бесими се сретна со претставниците на Македонската банкарска асоцијација (МБА) при што се дискутираше за реализацијата на четвртиот пакет мерки, поточно за мерките што треба да се реализираат преку банкарскиот сектор.
– Планираме за почеток да префрлиме 10 милиони евра во Развојната банка, кои ќе се реализираат преку комерцијалните банки. Исто така, преку комерцијалните банки ќе се реализираат и парите од Европската Унија и платежните картички, со овој сегмент веќе имаме искуство – рече Бесими.
Министерот посочи дека македонската економија е сериозно погодена од пандемијата со ковид-19, за што, според Бесими, најдобар показател се падот на БДП и на јавниот долг.

– Она што е добро во целата приказна е тоа што финансискиот систем е стабилен. Тоа е една голема предност во справувањето со кризата. Во овој период кога преостанатите бројки се со негативен предзнак, добро е тоа што во финансискиот сектор динамиката сѐ уште е со позитивен предзнак – рече Бесими.
Од банкарската асоцијација потсетија на активностите што ги имале банките во периодот на пандемијата, како одложувањето на наплатата на кредитите.
– Во вториот процес на одложување од 1 октомври им е понудено на посериозно загрозените физички лица и компании.

Засега нема точни податоци колку физички лица и компании пројавиле интерес за одложување на исплаќањето на кредитите – посочи претседателката на МБА, Маја Стевкова Штериева.
Од асоцијацијата посочија дека банкарскиот сектор е стабилен и најавија дека ќе продолжат да соработуваат со сите засегнати страни, за да се излезе од актуелната криза.