Кредибилитетот на инвеститорите во нашата економија и политиките кои се спроведуваат расте, забележа министерот за финансии Фатмир Бесими по повод издавањето на осмата еврообврзница.

– Осмата еврообврзница ја издадовме по убедливо најниска каматна стапка од 1,625 % која е неколкукратно пониска од сите претходно издадени еврообврзбици од земјава, но истовремено е пониска и од каматните стапки по кои другите земји во регионот неодамна издадоа еврообврзници. Доколку се направи споредба со еврообврзницата од 2014 година, која треба да се рефинансира со оваа, каматната заштеда е 82,25 милиони евра – посочи министерот Бесими.

Тој информираше дека на вчерашната аукција, имало за 2,3 пати повисока побарувачка од страна на меѓународните инвеститори.

– Она што е особено охрабрувачки од аспект на меѓународниот пазар на капитал е дека за само 9 месеци има значително подобрување на перспективите на нашата економија и нејзиниот потенцијал кај меѓународните инвестори – рече Бесими.

Посочи дека ако се направи споредба со други економии од регионот и пошироко кои издадоа еврообврзници во последните неколку месеци, нашата економија ужива поголема доверба кај инвеститорите, односно пониска каматна стапка.

Министерот истакна дека иако сумата на осмата издадена еврообврзница е 700 милиони евра, нето-повлекувањето по основ на оваа еврообврзница е 200 милиони евра. Имено, рече тој, со средствата од осмата еврообврзница ќе се рефинансира еврообврзницата издадена во 2014 година во износ од 500 милиони евра.

Додаде, дека Еврообврзницата од 2014 година која беше издадена со каматна стапка од 3,975% со рочност од 7 години, или за 2,35 процентни поени повисоко во однос на еврообврзницата издадена сега, што значи дека по основ на камата според него ќе се заштедат скоро 82,25 милиони евра.

– Кога се носеше буџетот за 2021 година, беше посочено дека покрај буџетскиот дефицит од 568,1 милиони евра, кој се должи главно на потребите поврзани со ковид-кризата, треба да се отплати надворешен долг во вкупен износ од 605,6 милиони евра – во кој влегува и еврообврзницата од 2014 година и отплата на домашен долг од 99,5 милиони евра по основ на претходно издадени државни хартии од вредност и структурни обврзници. Остатокот од средствата ќе се обезбедат преку издавање на државни хартии од вредност на домашниот пазар, поволни развојни кредити од меѓународни организации и користење на депозити кои ги оставивме како резерви во 2020 година – рече Бесими.

Заедно со преземните обврски и отплата на обврските кои достасуваат, проекциите на Министертсвото за финансии покажуваат дека државниот долг на крајот на годината ќе изнесува 53,2%, додека јавниот 63,4%.