Пазарите на капиталот многу порано реагираат на вестите и многу често претставуваат предвесници на идниот период во економијата, а вредноста на една компанија не се состои само од добивките од тековната година туку многу поголемо учество имаат очекуваните добивки од сите наредни години, појаснуваат упатените

Светската економија во лавиринтот на коронавирусот

Пандемијата на коронавирусот силно ги погоди светските берзи, каде што се почувствуваа големите промени исто како и во секојдневниот живот. Вредноста на акциите на многу компании е намалена. Лондонскиот берзански индекс (ФТСЕ 100), американскиот индустриски просек на Доу Џонс и токискиот Никеи забележаа огромни падови од почетокот на избувнувањето на епидемијата на 31 декември. Притоа, американскиот Доу Џонс и ФТСЕ 100 неодамна ги забележаа своите најголеми падови во еден ден, од 1987 година.
Инвеститорите стравуваа дека ширењето на коронавирусот ќе го уништи економскиот раст и дека акциите на владите можеби не се доволни за да се запре падот. Како одговор на тоа, централните банки во многу земји, вклучувајќи и во Велика Британија, ги намалија каматните стапки. Теоретски, тоа треба да ги направи заемите поевтини и да го поттикне трошењето за да се зајакне економијата.

Но светските пазари закрепнаа малку откако американскиот Сенат донесе закон за помош во справувањето од последиците на пандемијата од коронавирусот вреден две илјади милијарди американски долари, пред сѐ за да им се помогне на работниците и на деловните субјекти.
Инаку, во САД бројот на лица што се пријавиле за невработени достигна рекордно високо ниво, што сигнализира крај на еднодецениската експанзија за една од најголемите светски економии.

Претставниците на инвестициските фондови и оние што работат на берзите велат дека состојбите на светските берзи се пренесуваат и на националните пазари, но сепак смируваат и укажуваат дека состојбата ќе се стабилизира и дека сѐ ќе се врати во нормала.
– Светот од почетокот на годината се соочува со најголемата пандемија во модерното живеење. Коронавирусот има непроценливи штети врз светската економија. Инвеститорите на светските берзи од почетокот на годината се обидуваат да ги проценат импликациите на оваа пандемија врз компаниите што котираат на светските берзи. Светските индекси забележаа значајни падови. Тоа значи дека цените на акциите на компаниите што се дел од светските индекси се значајно пониски од нивото на кое беа на почетокот на годината – објаснуваат од друштвото за управување со инвестициски фондови „ВФП фонд менаџмент“.
Оттаму потсетуваат дека оваа пандемија не е прва во историјата, а за споредба го посочуваат ширењето на шпанскиот грип минатиот век, кога се проценува дека починале од 50 до 100 милиони луѓе, а вкупно биле инфицирани над 500 милиони луѓе.

– Единствен индекс што датира од тоа време до денес е Доу Џонс, индекс составен од 30 најзначајни компании на американската економија. Шпанскиот грип се појавува во втората половина на 1917 година, а најголемиот импакт од аспект на заразени и починати го има од 1918 до 1920 година. Најголемиот пад на Доу Џонс се забележува пред да почне драматично да се шири вирусот. Претпоставката е дека пазарите на капиталот реагираат порано на вестите и многу често претставуваат предвесници. Заздравувањето на пазарите на капитал се случило за време на самата пандемија – истакнуваат од „ВФП фонд менаџмент“.
Сепак, од „ВФП фонд менаџмент“ додаваат дека од почнувањето на пандемијата на ковид-19 индексот Доу Џонс имал најголем пад во историјата на своето постоење, од 37,09 отсто, и укажуваат дека сега инвеститорите инвестираат по драстично пониски цени од почетокот на годината.

– Овој пад на берзите е поголем од падот во времето на шпанскиот грип, кој изнесувал 33,44 отсто. Ваквите податоци ни даваат надеж дека можеби најлошото за пазарот на капиталот е веќе поминато. Би сакале да напоменеме дека не мора да значи дека ќе се повторат минатите случувања, ниту дека претставуваат гаранција за идни приноси. Коронавирусот се очекува да има значаен одраз врз светската економија, очекувано е да се намали потрошувачката, а тоа ќе доведе и до помали приходи и добивки на компаниите – објаснуваат од фондот.
Поради овие причини, државите не го оставаат пазарот сам на себе, туку водат силна експанзивна политика за да им помогнат на компаниите и на граѓаните во пребродување на овој период. Од фондот велат дека се извесни помали приходи и добивки на компаниите за 2020 година.

– Вредноста на една компанија не се состои само од добивките од тековната година туку многу поголемо учество имаат очекуваните добивки од сите наредни години. Оваа година ќе биде критична за многу компании, но позитивната страна од вложување во големи мултинационални компании, со добри кредитни рејтинзи и долга историја на постоење, е дека тие компании ќе ја пребродат и оваа криза и на долг рок ќе испорачаат задоволителни резултати за инвеститорите. Големите дневни осцилации во позитивна и негативна насока се очекувани и неминовни во вакви ситуации – заклучуваат од фондот.