Фото: Игор Бансколиев

Драстичниот раст на тргувањето на Македонската берза, од дури 47,9 проценти во октомври, во однос на септември, според упатените, е резултат на зголемената доверба кај инвеститорите по почнувањето на постапката за измени на Уставот што води кон надминување на спорот со Грција и кон деблокада на процесот за евроатлантската интеграција на земјава

Почнувањето на процесот за уставни измени и зголемувањето на шансите за влез на Македонија во НАТО и во Европската унија се причините, според упатените, поради кои се зголеми довербата кај инвеститорите, кои покажуваат поголем интерес за тргување на Македонската берза.

Имено, како што може да се забележи од извештаите што ги објавува берзата, во текот на октомври има драстичен раст на тргувањето од дури 47,9 проценти во споредба со месец септември. Конкретно, во месец септември вкупниот промет на берзата бил 483 милиони денари, додека во октомври тој достигнал 715 милиони денари.

– Сосема очекувано беше, по референдумот, со почнувањето на процесот за уставни измени, односно со придвижувањето на процесот за зачленување во НАТО и во ЕУ, да има зголемен интерес за тргување, и тоа не само на блок-трансакциите, туку и на поединечните акции. Овој процес дава чувство на стабилност, и од тој аспект е оправдана и зголемената цена на одредени акции – вели Коста Костадиновски од „Илирика Фунд менаџмент“.

Костадиновски истакна дека за да се одржи зголемениот промет на домашната берза, неопходно е да се задржи ликвидноста на компаниите, кои сега само треба да ги искористат можностите што им се отвораат.
– За да се одржи зголемената активност на берзата, неопходно е ликвидноста на компаниите да остане висока, поради атрактивноста на дивидендите, кои се попримамливи отколку другите типови тргување, како на пример фиксните камати какви што се кај банкарските депозити. Но за да се оствари ова, треба државата и компаниите да сработат повеќе, да има поголемо производство, да се одржи економскиот раст. Клучно е економијата да се развива, институциите треба да го овозможат тоа, да им се отворат нови пазари, а компаниите да го шират бизнисот, што се очекува и со интегративниот процес – додава Костадиновски.
Зголемениот обем на прометот остварен на берзата е резултат на политичките случувања, поточно на почнатиот процес за промена на името на државата и на очекувањата за членство во НАТО и во ЕУ, сметаат и од инвестициската куќа „Инвестброкер“.

– Зголемениот обем на тргување во октомври се должи пред сѐ на неизвесноста од исходот од гласањето во Собранието за договорот од Преспа. Ценовните осцилации беа предизвикувани чисто од политички информации. А кога има толкави флуктуации има и зголемување на прометот. По одржувањето на референдумот имаше мало спласнување на очекувањата, меѓутоа по гласањето во Собранието се случи зголемување на оптимизмот за исходот од целата постапка за влез во НАТО. Со тоа се зацврсти и оптимизмот за позитивни резултати од инвестирање во хартии од вредност – истакна Филип Петрушевски, извршен менаџер во „Инвестброкер“ АД Скопје.
Петрушевски додава дека во следниов период очекува да се стабилизира обемот на тргување.

Фото: Игор Бансколиев

– Како ќе напредува процесот за членство во НАТО така политичката ситуација ќе се рефлектира на берзата. Очекувам дека растот што се случи во оваа година ќе продолжи и во наредната – појаснува Петрушевски.
За нивниот колега од брокерската куќа „Еурохаус“ АД Скопје, Сашо Дракуловски, ваквиот драстичен раст е карактеристичен за берзата, и вели дека е сосема вообичаено во одредени месеци од годината да има поголеми осцилации и поголем промет отколку во други.

– Сосема е вообичаено одредени месеци на берзата да имаме поголеми тргувања, односно да има отстапки од еден до друг месец, па дури и толку големи. Се случува вакви осцилации да има при некои поголеми политички движења и тоа е сосема вообичаен процес за берзата. Исто така, вообичаено е во есенските и во пролетните месеци да има поголема раздвиженост, односно поголем обем на тргувања, додека, пак, во летните месеци се јавува мала стагнација. Слична реакција има и во зимските месеци, поточно во периодот по Нова година, кога се чувствува стагнација во целата економија, како резултат на новогодишната еуфорија – појаснува Дракуловски.