Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска во Струга одржа состанок со претставници на Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ ) и градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко.

На сoстанокот министерот ги презентира мерките за поддршка на туризмот од третиот пакет-мерки на Владата и ги слушна барањата и мислењата на туристичките работници за тоа како побргу да се рестартира овој сектор.

Министерот ги информира туристичките работници дека во третиот пакет-мерки што го донесе Владата предвидени се ваучери за домашен туризам од 100 евра и домашна платежна картичка од 50 евра. Со оваа мерка, како што потенцира Бектеши, се опфатени сите вработени граѓани што примаат плата помала од 15.000 нето месечно и немаат други приходи. Како што рече Бектеши, ваучерот може да се користи во домашните хотели и други сместувачки капацитети, а со платежната картичка поттикнуваме купување домашни производи и услуги.

– Денеска, ми беше чест и задоволство заедно со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, претседателот и членовите на ХОТАМ, отворено да разговараме за последните мерки за поддршка на секторот туризам, кои ние како Влада веќе ги усвоиме. Ја искористив оваа можност пред присутните да го објаснам начинот за реализација на мерките, кои се резултат на нашата заедничка координација на сите засегнати страни во секторот туризам, при што ние како претставници на Владата отворено разговаравме, но воедно и ги разгледавме нивните сугестии, коментари и барања, а во интерес на хотелиерството во целина, како и подобрување на услугите за сите посетители на нашата држава – истакна Бектеши.

Министерот информира дека во сетот мерки во третиот економски пакет предвидени се над 16 милиони евра, односно на над 100 илјади граѓани ќе им се доделат ваучери со цел да ги искористат во категоризираните хотели, но и во приватни капацитети категоризирани во склоп на општините, со што ќе се поттикне потрошувачката, ќе се поддржи овој многу важен сектор за економијата во нашата држава.

Бектеши истовремено истакна дека веќе наредна недела очекува дека ќе ја имаат првичната нацрт-верзија на јавниот повик за оваа сезона.

– Како Министерство за економија и како Влада, продолжуваме посветено да работиме и да се координираме со сите засегнати страни во секторот туризам сè со цел заеднички да ја надминеме со што помал ризик оваа здравствена, но секако и социо-економска криза – рече Бектеши.

Претседателот на ХОТАМ ја искористи можноста да им се заблагодари на министерот за економија и градоначалникот за укажаната можност за дискусија на овој состанок, кој е многу важен за туристичкиот сектор, затоа што секојднево се соочуваат со сè повеќе откажувања од странски тур-оператори, а надежта ја гледаат токму во домашните гости.

– Се собравме да дискутираме како технички би се реализирале мерките бидејќи сезоната почнува многу бргу. Загубите се големи, осеобено во хотелско-угостителскиот дел, но исто така и во ресторанскиот, но мораме сето ова да го надминеме заеднички и да продолжиме понатаму. Земјите од регионот веќе полека почнуваат да се отвораат, се надевам дека и нашите стручни служби ќе излезат со препорака за отворање на сезоната, дека оваа пандемија бргу ќе заврши, а ние ќе можеме да функционираме нормално понатаму – рече претседателот на ХОТАМ.

– Денешната средба е уште една потврда дека заложбите што ги преземаат министерот за економија и Владата, генерално, за помош на туристичкиот сектор, се добредојдени и во Охридско-струшкиот Регион. Искрено посакувам што побргу враќање во нормала на турстичкиот сектор, посета од домашните гости, но секако добредојдени се и странските туристи – истакна Мерко.