Повеќе од 100 компании од Куманово и Кумановскиот Регион добиле над 700 илјади евра директна финансиска поддршка од мерките и програмите што се реализираат преку Министерството за економија и Владата.

Ова, како што велат од Министерството за економија, значи дополнителни инвестиции во периодот по завршување на кризата предизвикана од пандемијата, но и отворање нови работни места.

– Ние остануваме посветени во директна комуникација со бизнис-заедницата да креираме мерки што ќе произлезат од јавно-приватниот дијалог – порача министерот за економија, Крешник Бектеши.

Тој, денеска, заедно со пратеникот во Собранието, Арбер Адеми, и заменик-министерот за здравство, Илир Хасани, беше во посета на повеќе компании од преработувачката индустрија, но и туристичко-угостителскиот сектор и занаетчии, кои се корисници на мерките што минатата година се реализираа преку Министерството за економија.

– Сакам да ги повикам сите компании да аплицираат за мерките на Министерството за економија и да ги искористат за набавка на машини, опрема и други инвестиции. Оваа година првпат јавните повици се спроведуваат по принцип на распределба на развиеност на плански региони за што предност ќе имаат Куманово и Кумановскиот Регион како дел од Североисточниот Плански Регион, тоа ќе значи дека почнуваме со еднаква распределба на финансиската поддршка во целата држава – потенцира Бектеши.