По предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница ги усвои измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, објави министерот за економија Крешник Бектеши на својот фејсбук-профил.

Со законските измени се олеснуваат критериумите за аплицирање и за исплата на финансиска поддршка за производствените компании, нагласува Бектеши.

Додава дека со измените на Законот ќе се олеснат условите за 245 компании кои имаат активни договори, а особено за потенцијално новите компании, кои инвестирале во 2020 година или ќе инвестираат во 2021 година.

– Согласно законските измени се олеснуваат условите за доделување на финансиска поддршка на компании кои инвестирале во услови на Ковид, се зголемува опфатот на компании кои ќе може да аплицираат за финансиска поддршка, се подобруваат условите за инвестиции од дијаспората, дополнителна финансиска поддршка за компании кои се од помалку развиени региони во државата – се вели во соопштението.

Целта на измените и дополнувањата на овој закон, како што додаваат од Министерството за економија е забрзано поттикнување на економскиот раст и развој во Македонија преку поддршка на инвестициите за зголемување на конкурентноста на економијата на Македонија и на вработувањата.

Законот за финансиска поддршка на инвестициите почна да се применува во 2018 година како дел од Планот за економски раст на Владата.