Министерот за економија Крешник Бектеши денеска побара од пратениците што поскоро да го усвојат Законот за задолжување во Светска банка и ја повика опозицијата да не ги кочи законите кои, како што кажа, значат поддршка за компаниите и за граѓаните.

– Сакам да ги повикам сите пратеници да го усвојат заемот од Светска банка кој што е пратен до Собранието каде што ќе овозможи да се имплементираат проекти од страна на здравствените установи кои се многу важни од страна на општините, но истовремено таму е предвидена и техничка помош за одредени институции во државата. Законот е блокиран од страна на опозицијата, поточно од ВМРО-ДПМНЕ неколку месеци – кажа министерот во однос на Законот за задолжување во Светска банка за реализација на проекти за енергетска ефикасност.

Министерот побара и побрзо да се донесат законите за реализација на мерките од петтиот сет.

– Што се однесува до законите кои произлегуваат од петтиот сет мерки јас сум убеден дека ќе бидат поддржани од страна на сите пратеници бидејќи тие се насочени и кон компаниите и кон зачувување на работните места во приватниот сектор и има мерки кои директно влијаат врз загрозените граѓани во нашата држава – посочи Бектеши.