Министерот за економија, Крешник Бектеши, заедно со министерот без ресор посветен на подобрување на инвестициската клима во Северна Македонија, Хисен Џемаили, и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, ја посети компанијата „Еуроблу“ во Тетово.

Компанијата е потписник на договорот за државна помош во согласност со Законот за финансиска поддршка за инвестициите од планот за економски раст.

Министерот Бектеши истакна дека ваквите инвестиции ќе ја зголемат продуктивноста на компаниите и ќе им овозможи да се развиваат и да се подготват за регионалната и европска конкуренција.

– Ова е уште една инвестиција на млади луѓе во нашата држава што ќе придонесе за зголемување на продуктивноста, но истовремено имплементирањето на новите технологии ќе имаат големо значење за македонската економија да биде поконкурентна на регионалните и европските пазари. Имаше многу скептици кога го донесовме Законот за финансиска поддршка на инвестициите, но ваквите инвестиции се факт дека сме на вистинскиот пат. Освен што ги мотивираме и охрабруваме странските инвестиции, со Законот за финансиската поддршка ги поттикнуваме особено младите компании во нашата држава да почнат да креират нови бизниси и нивните идеи, нивната визија, со помош на државата, преку овој закон, кој е многу транпарентен, ќе може да ги направат реалност. Најдобар пример за тоа е денешната наша посета. Истовремено, би сакал да ја поздравам локалната самоуправа, која напорно ги информира сите компании, сите млади луѓе во овој регион да ги користат мерките на државата имајќи го предвид фактот дека државата континуирано ги зголемува средствата за да им излезе во пресрет на компаниите, а тоа го кажуват и податоците што се изнесени. Ова година веќе имаме раст на индустриското производство, зголемување на работните места, но најважно од сè е дека младите луѓе гледат опции и нивната визија веќе е реалност преку вакви инвестиции, со што јас сум убеден дека нема да бидат конкурентни само во нашата држава, туку во иднина ќе бидат конкурентни и во регионот – рече Бектеши.

Министерот Џемаили рече дека државната поддршка на Владата за бизнисот е голем стимул и мотивира многу компании да се развиваат повеќе на меѓународните пазари.

– Ние сме тука за да ја видиме новата инвестиција направена од релативно новатa компанија која произведува пластични кеси, а сега со нова технологија и преработка на пластичен отпад што е и директен придонес во заштитата на животната средина. Владата на Република Северна Македонија им помага на компаниите преку мерките од планот за економски раст за растат и да инвестираат. Државната поддршка треба да биде стимул за понатамошен раст на компаниите, а ние како Влада ги повикуваме сите компании што имаат раст на производството и нови инвестиции да ги користат мерките од планот за економски раст – рече министерот Џемаили.