Претставниците на банкарскиот сектор посочија дека почнуваат со исплата на пензиите. Од Македонската банкарска асоцијација објавија дека корисниците на дебитни картички со својата пензија ќе располагаат од денеска, вторник, 28 јули 2020 година.

– Банките се подготвени предвреме да ја извршат исплатата на јулските пензии. Сите пензионери што поседуваат дебитни картички, од денеска, вторник, 28 јули 2020 година, преку банкоматите и во трговската мрежа ќе располагаат со својата пензија. Готовинската исплата на пензиите за оние пензионери што не поседуваат дебитни картички ќе се спроведе во групи. Во вторник, 28 јули, ќе се исплаќаат пензии во висина до 11.000 денари. В среда, 29 јули, пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари. В четврток, 30 јули, ќе се исплаќаат пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари, а в петок, 31 јули, пензии над 18.000 денари – се наведува во соопштението на МБА.

Наедно од асоцијацијата ги замолуваат клиентите што не поседуваат дебитна картичка да се придржуваат до распоредот за успешно спроведување на исплатата.
– Потсетуваме дека корисниците на банкарски услуги при посета на филијалите и експозитурите треба да носат лична заштитна опрема и да одржуваат соодветна дистанца во согласност со насоките и препораките – истакнуваат од МБА.