Фото: Игор Бансколиев

Многу е опасно кога политичките актери, поради немање јасни политички визии, цели и аргументација или поради неуспех во изборната трка, се обидуваат да го компензираат тоа со повици на насилно дејствување, па дури и со директна демонстрација на физичко насилство, предупредуваат аналитичарите

Дали политичарите со својот модел на однесување поттикнуваат насилство

Можно ли е ескалацијата на политичко-партиските судири помеѓу двата круга од локалните избори, која деновиве кулминира дури и со физичко насилство, како модел да поттикне и насилно однесување на поединци и спротивставени групи и во пошироката јавност? Политичко-безбедносните аналитичари сметаат дека веќе подолго време се акумулираат голем број фрустрации кај граѓаните, како резултат на генералната состојба во општеството, но и на актуелната криза предизвикана од пандемијата на ковид-19. Во таква општа состојба, демонстрацијата на физичко насилство и пресметка кај некои политичари, мотивирани од политичко-партискиот антагонизам и зовриен амбиент во пресрет на изборите, може да поттикне поширок замав на насилно однесување кај граѓаните, кои, по правило, ги прифаќаат моделот и примерот на однесување од своите лидери. Ова стана уште поактуелно откога викендов беше регистриран уште еден во редицата случаи на физичка пресметка помеѓу политичките ривали, овој пат дури и доскорашни сопартијци и идни советници во Советот на Општина Куманово: Реџеп Реџеповски (од независната листа „За наше Куманово“ на досегашниот градоначалник Максим Димитриевски, кој со независна кандидатура се издвои од СДСМ) и Самет Салиевски (кого СДСМ го кандидира на листата). Како уште поголем, но воопшто не и безопасен куриозитет се наведува тоа што и Реџеповски и Салиевски се поранешни професионални боксери.

Тупаниците се повообичаен начин за решавање конфликти

Полицијата, вообичаено, соопшти дека ќе го расчистува случајот, со оглед на тоа што и двете страни пријавиле дека се нападнати, но за аналитичарите задачата воопшто не е толку едноставна, пред сѐ поради опасноста овој и другите слични случаи да бидат прифатени од јавноста како вообичаен начин за решавање конфликти и за ослободување од насобраните фрустрации. Своевидна потврда дека работите се развиваат во таа насока дојде со вчерашниот полициски билтен, во кој, меѓу другото, беше наведен и случајот за групна тепачка поради недоразбирања во сообраќајот во близината на Струга.
– Има акумулирано доста незадоволство од општата состојба во земјава, што, во одредени околности, би можело да резултира со некаква форма на насилство. Токму затоа луѓето што се инволвирани во политиката, особено сега, би требало да тежнеат кон решавањето на проблемите преку дебата, а не преку физички пресметки, доколку навистина и има такви случаи, со што се испраќа крајно погрешна порака до јавноста. Морам да кажам дека и како социолог и како поранешен пратеник во еден мандат, не слушнав дека некој од политичките центри организирано го поттикнува насилството, така што очекувам дека тие, верувам, изолирани појави на физичкото насилство, нема да резултираат со некаква поширока ескалација. Но работите се менуваат, кризата и пандемијата дополнително ги поттикнуваат фрустрациите и можеби некој, сепак, ќе посегне и по физичкото насилство како метод за решавање на политичките и други видови конфликти, што, да потенцирам, е апсолутно неприфатливо не само како изолиран акт туку и како крајно погрешна порака до јавноста дека конфликтите може и треба да се решаваат по насилен пат – оценува пензионираниот професор по социологија и поранешен пратеник Нелко Стојановски.

Ако политиката ја претвориме во област во која сѐ е дозволено, ќе има несогледливи последици по општеството

И други квалификувани набљудувачи на состојбите објаснуваат дека многу е опасно кога политичките актери, поради немање јасни политички визии и цели или поради неуспех во изборната трка, се обидуваат да го компензираат тоа со повици за насилно дејствување или дури и со директна демонстрација на насилство.
Неодговорните политичари, во одредени околности, според нив, многу лесно можат сопствените фрустрации да ги наметнат како јавен проблем, особено кога станува збор за насилствата во општествата во кои политичката култура и јавниот морал се на мошне ниско ниво.
– Ако политиката ја претвориме во област во која сѐ е дозволено, ќе имаме несогледливи последици по општеството – потенцираат тие.
На учесниците во изборната трка, како што упатуваат, треба јасно да им се даде до знаење дека политичкиот процес на завршува со овие или со кои било други избори и дека тој секогаш мора да продолжи според одредени правила и така што политичките противници нема да се доживуваат како непријатели, туку како неистомисленици со кои, низ дијалог, константно треба да се бараат општоприфатливи решенија за добробит на сите.
За потсетување, минатиот месец, пред почетокот на изборната кампања, со потпишување на кодексот за фер и демократски избори, политичките партии се обврзаа на демократски изборeн процес, во кој ќе се почитуваат основните човекови права и слободи, за постигнување транспарентни, инклузивни и отчетни избори.
– За да се постигнат вистински демократски избори, неопходно е тие да се остварат без непотребни произволни или тешки ограничувања. Ниту еден изборен процес не е совршен. За сите се потребни постојани подобрувања, но од степенот до кој процесите ги исполнуваат овие стандарди ќе зависи и нивото на нивниот кредибилитет – изјави тогаш претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Овој кодекс го потпишаа претставници од сите политички партии учесници на овие избори. Д.М.М.