Проектираниот економски раст од 3,2 проценти следната година со сигурност ќе се реализира, откочени се крупните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, а покрај нив сериозни активности се очекуваат и со интензивирање на гасификацијата , како и инвестиции во енергетиката.

Тоа се дел од оценките што ги изнесе денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на презентацијата на економските програми од буџетот за следната година.

Како што информира, планиран е раст на бруто-инвестиците на реална основа од 4,2 процента, 26,2 милијарди денари за капитални инвестиции, од кои 5,2 милијарди денари во патната и железничката инфраструктура, при што за железницата ќе се потрошат 44 проценти повеќе средства. Догодина ќе има за 80 проценти повисок буџет за гасификацијата, 3,3 милијарди денари ќе се вложат за рурален развој, а 475 милиони денари ќе има капитални инвестиции за доградба на инфраструктурата во технолошко-индустриските развојни зони.

– По слабите резултати на БДП во првиот квартал, остварениот раст од 3,2 проценти во вториот квартал, во третиот и во четвртиот квартал годинава, очекуваме добри бројки и сметаме дека БДП во 2019 година со сигурност ќе се реализира затоа што се откочени клучните проекти за автопатиштата, интензвино се работи на експресните патишта, а се деблокира и изградбата на железницата на Коридорот 8, наведе Анѓушев.

Според него, сериозен импакт врз економијата се очекува и од енергетскиот сектор каде по стапувањето во сила на новиот Закон за енергетика и подзаконските акти коишто ќе следат се создаваат предуслови за резултати со инвестиции фокусирани на обновливите извори на енергија.

– Следната година ќе биде година на економијата, економскиот раст и подобар живот за граѓаните, потенцираше Анѓушев, истакнувајќи дека радува што носител на растот е и ќе биде реалниот сектор, а не виртуелни бројки.

Проекции на Владата за следната година предвидуваат буџетски дефицит од 2,5 проценти, пад на стапката на невработеност под 20 проценти, како и раст на од 4,5 проценти на просечната нето плата на номинална основа. Милијарда денари ќе се потрошат за поттикнување на вработувањето, 720 милиони денари за финансиска поддршка на инвестиции, 700 милиони денари за привлекување странски директни инвестиции и развој на слободната економска зони, додека 520 милиони денари ќе бидат доделени преку Фондот за иновации и технолошки развој. За унапредување на деловни активности се планирани 187 милиони денари, осум милиони денари за економска промоција.

Владата планира 37 проценти повеќе пари за следната година споредено со годинава во вкупниот буџет на Програмата за економски раст, 720 милиони денари за поддршка на компании преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, 203 проценти повисок буџет за поддршка на мали и средни претпријатие преку ФИТР, 430 милиони денари за поддршка на компании во ТИРЗ.

Покрај 1,1 милијарда денари за активни мерки за вработување, како што рече Анѓушев, ќе има пет проценти ново зголемување на платите во јавното здравство од септември, на лекарите–специјалисти 10 проценти, како и пет проценти на просветните работници.