Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши учествуваа на јубилејниот 15-ти Виенски економски форум „Дијалог за иднината 2018 – Економијата се среќава со политиката“ што денеска се одржува во Виена.

Во фокусот на дискусијата на Виенскиот економски форум е важноста на регионалната соработка во процесот на ЕУ интеграциите на земјите од Западен Балкан, преку процесите на дигитализација, поврзување и иницијативата за формирање на регионална економска област како предуслов за интегрирање во единствениот европски пазар.

Од владината прес-служба соопштија дека Анѓушев на премиерскиот панел на тема „Регионалната соработка како дел од европските интеграции: Дигитализацијата – премостување на разликите и шанса за големи скокови“, потенцирал дека „Виенскиот економски форум“, претставува добра шанса за дијалог на земјите од регионот, преку која треба да се интензивира и подобри меѓусебната економска соработка.

– Доколку сакаме да обезбедиме подобар живот за нашите граѓани, потребно е да ја развиеме економијата. За таа цел потребно е најпрво да ги средиме работите во нашата држава, а паралелно да работиме на градење на подобра соработка со нашите соседи, за повисоко ниво на регионална соработка. Внатрешно, во државите, во насока на креирање на подобра бизнис клима треба да работиме на креирање на програми за поддршка на стопанството, за поттикнување на нови инвестиции. Но тоа не е доволно, доколку најпрвин не се обезбеди политичка стабилност на земјата и не се обезбеди соодветно ниво на владеењето на правото, нагласил вицепремиерот.

Вицепремиерот Анѓушев дополнил дека Владата на Република Македонија веќе година и половина спроведува активности преку кои се зајакнува стабилноста и сигурноста на земјата и се разрешуваат децениски проблеми со соседите, а кои се во насока на интеграции на земјата во Европската Унија и НАТО. Тој подвлекол дека во изминатиот период се потпишаа договорот за добрососедство и соработка со Република Бугарија и договорот со Република Грција, со кој се надминуваат разликите кои постоеја помеѓу Република Македонија и овие две соседни земји.

– До крајот на јануари 2019 година, Парламентот би требало да ги усвои предлозите за уставни измени, по што ќе се исполнат сите услови за да го продолжиме непречено нашиот пат кон евро-атлантските интеграции. Создадовме низа на мерки преку кои се овозможува поддршка за странски, но и за домашни инвестиции. Исто така, преку средства од буџетот обезбедуваме поддршка за малите и средни претпријатија и за стартап компаниите. Овој сет на мерки веќе дава резултати, во изминатиот период потпишани се нови дваесетина договори со странски компании, а нивото на странски инвестиции во првата половина од годината е рекордно, дополнил Анѓушев.

Тој потенцирал дека повисокото ниво на регионална соработка, не само декларативна, туку реална, ќе придонесе за побрз економски развој, но и за одржливост не економиите на земјите во регионот.

– Можеме да креираме какви сакаме мерки за поддршка или да потрошиме десетици, стотици милиони за подобро поврзување меѓу нашите земји, за да го скусиме времето за патување, но сето тоа нема смисла доколку стоката на границите стои со часови. Треба заеднички сите недвосмислено да седнеме и да покажеме дека сакаме повисоко ниво на соработка и да се ослободиме од непотребните административни бариери, за подобра економија на секоја од земјите, но и подобар живот на нашите граѓани, заклучил вицепремиерот Анѓушев.

Министерот Бектеши се обратил на министерскиот панел на кој свои обраќања имале министри од владите на Албанија, Романија, Словенија и Бугарија.

– Очекуваме во Парламентот да се усвојат уставните измени и да продолжат интеграциите на Република Македонија во ЕУ И НАТО. На економски план донесовме нов закон за поддршка на инвестициите, ги изедначивме условите за инвестирање на домашните и странските компании. Фокусирани сме на поддршка на малите и средни претпријатија. Одвоивме значајни средства да ја поттикнеме иновативноста и да ги отвориме шансите за работа и успех на младите луѓе во Македонија, истакнал министерот Бектеши и ги презентирал проектите на кои Република Македонија работи на поврзување на земјата преку енергетска, патна и железничка инфраструктура со соседните земји.

Во текот на одржувањето на Виенскиот економски форум, вицепремиерот Анѓушев и министерот Бектеши дале кратки изјави за медиумите. Вицепремиерот Анѓушев дал краток осврт од средбата со канцеларот Курц, комесарите на Европската комисија, Хан и Габриел и лидерите на Западен Балкан, оценувајќи ја како важна за градење на добрососедски политики, за надминување на билатералните проблеми и економско поврзување на земјите од регионот како важен предуслов за обезбедување на подобар животен стандард за граѓаните.

– Агендата за формирање на регионална економска област ќе придонесе за заживување на економиите на сите држави од регионот. Добивме поддршка дека Република Македонија е на добар пат да ги оствари своите амбиции да биде дел од евроатлантското семејство на народи, рекол вицепремиерот Анѓушев.

Министерот Бектеши во својата изјава ја потенцирал важноста на регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан и во таа насока рекол дека Владата на Република Македонија преку владините политики и мерки настојува да се соработува и да работи на поврзување со соседните земји на најдобар можен начин.

– Ја потенцирав важноста на повеќегодишниот акциски план којшто произлегува од Берлинскиот процес. Ние веќе преземавме неколку мерки коишто се во согласност со ЦЕФТА со протоколите 5, 6 и 7. Република Македонија во тој поглед е подготвена. Со Србија почнавме да воспоставуваме заеднички гранични премини и да ја зголемуваме трговијата помеѓу нашите две држави, а од почетокот на наредната година тоа ќе го направиме и со Албанија, нагласил министерот Бектеши.