Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев смета дека е возможно да се постигне проектираниот економски раст од 3,2 проценти.

Во интервју за радио Слободна Европа Анѓушев вели дека по износот на БДП од 0,1 отсто во првиот квартал, во вториот квартал очекува подобри бројки кои се надева дека ќе ги потврди статистиката.

– Очекувам дека тие бројки ќе бидат околу проектираните веќе во вториот квартал, понатаму во третиот и во четвртиот квартал да ги надминат тие бројки, така што на ниво на година да направи просечна вредност од таа којашто сите ја очекувавме и ја посакувавме од над три проценти, вели Анѓушев.

Реализацијата на капиталните инвестиции е ниска, како што вели, поради тоа што проектите коишто биле наследени од претходната власт не биле доволно технички издржани, а ако ги стартувале ќе се соочеле со многу дополнителни работи и анекси, со трошење пари на граѓаните.

– Капитални инвестиции минатите години влегувале и Скопје 2014, и споменици, и Кичево-Охрид со 56 проценти разлика во цените помеѓу Синохидро и македонските подизведувачи. Ако требаше да ги продолжиме тие проекти на тој начин и да ги плаќаме тие цени и на тој начин да ги трошиме парите на даночните обврзници во Република Македонија само за да покажеме добри бројки, тоа можеби е еден пристап, но тој не беше пристап на оваа Влада, појаснува Анѓушев и дополнува дека новата Влада имала сосема друг пристап да се корегираат проектите и да се направата „здрави“ договори кои ќе може да се применат.

– Можам со задоволство да ви кажам дека двата круцијални капитални проекти коишто имаат значително влијание врз БДП-то, а тоа е Кичево – Охрид и договорот за градбата на железничката пруга, сега во овој дел Куманово – Бељаковце, а во иднина Бељаковце – Крива Паланка и Крива Паланка – граница ги ставивме во ред. Во делот Кичево – Охрид можам со задоволство да ви наговестам дека од 56 отсто разлики во цени коишто државата ги плаќа на Синохидро, а Синохидро на македонските подизведувачи, цената за сите дополнителни работи ќе ја симнеме на не повеќе од 13 проценти. Мислам дека има разлика од 56 до 13 проценти и мислам дека сите ние треба да се запрашаме каде е разликата, појаснува Анѓушев.

Во однос на изградбата на гасовод за Тетово и Гостивар повторува дека направиле сè трасата по Водно да биде изменета со минимална штета врз тамошниот систем и оти ќе се уништат само 1.400 кубика дрва. Апсолутно сме подготвени екологистите да бидат вклучени во реализација на проектот, а при тоа Владата ќе земе обврска да пошуми минимум десет пати повеќе од тоа што ќе исече, да направи други заштитени подрачја во Матка, Сарај итн, посочува вицепремиерот за економски прашања.