Извештајот на Европската комисија реално, прецизно и точно ги отсликува сите состојби во македонската економија, владиниот План за економски раст треба да помогне да се подобрат состојбите на кои се укажува, како сивата економија, а покрај на нејзино сузбивање мора да бидеме посветени и на иновативните процеси – оцени денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Според него, добро е што ЕК констатирала дека владиниот Планот за економски раст има потенцијал, но, како што нагласува, тој потенцијал треба да го претвориме во акција и резултат.

– Потенцијалот не е доволен, на крај се мерат резулатите. Јас сум сигурен дека таквиот План за економски раст на крај ќе даде резултати – рече Анѓушев, кој е член на жири-комисија на натпреварот на стартап-фирми на Саемот на ИТ-компании во рамки на Дигиталниот самит за Западен Балкан во Скопје.  

Анѓушев се согласува со укажувањето во Извештајот дека треба да се сузбие сивата економија  која, како што вели, е присутна во сите сегменти на живеењето на РМ, како на пример земјоделските производи, продажбата на текстилот…

– Тргнете на пример од земјоделските производи како се откупуваат, па како се продаваат на кванташките пазари, па како се дистрибуираат на пазарите. Сето тоа е надвор од финансискиот систем на РМ и мора да се бориме со тоа. Затоа, и ќе формираме одредени активности во таа насока, со активирање на агроберзата. Идејата за агроберза е стара, но на крај таа се претворила во чување два силоса во Прилеп и ништо од таа реализација – наведе Анѓушев.

Во пресрет на денешната комисиска расправа во Собранието за законот за финансиска поддршка на инвестиците, апелираше да биде поддржан и од опозицијата. Законот, како што рече, по широката дискусија во јавноста и добиената поддршка од сите субјекти од економијата, стопанските комори, домашни меѓународни финансиски институции, е најфилтираниот од законите што се правени досега.

– Сите институции вклучително и стопанските комори, ја повикаа и опозицијата да го подржи законот. Ја повикувам опозицијата ако има да даде конструктивна критика и да го поддржи законот, се останато е само политичко инаетење, кое не дава добро на македонската економија и граѓани. Со инает не може да се оди во ЕУ – рече Анѓушев.