Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, во рамките на Самитот за Западен Балкан во Полска, учествуваше на заедничка прес–конференција на која беше соопштено дека наредниот Самит ќе биде во заедничка организација на Бугарија и Македонија.

Сумирајќи ги дискусиите кои се воделе за време на состанокот за Регионалната економска област, Анѓушев посочи дека Берлинскиот процес е одлична платформа за земјите од регионот, која дава резултати.

-Во иднина очекуваме уште подобри резултати кои ќе произлезат од оваа иницијатива, во насока на интеграција на регионот во ЕУ, каде и географски припаѓа. Нашиот регион, историски е познат по тоа што генерира повеќе историја и пречки, во однос на тоа колку може да консумира, тоа мора да се промени во блиска иднина, односно да се генерира иднина и економска соработка, потенцира вицепремиерот на прес–конференцијата.

Анѓушев нагласи дека Владата ќе остане посветена на одржување на стапките на раст на трговската размена со соседните држави.

-Во моментов во Република Северна Македонија имаме над 1 милијарда евра проекти во патната инфраструктура, но сметам дека не е доволно да се реализираат само инфраструктурните проекти; со инвестиција од 500 милиони евра ќе изградиме модерен автопат и ќе го намалиме времето на транзит за 20-ина минути, а потоа камионите со производи да стојат 3, 4 или 5 часа на граничните премини. Тука нема никаква економска оправданост и затоа покрај инфраструктурните вложувања, треба да работиме на отстранување на административните пречки и бариери кои постојат меѓу земјите, нешто што може да се направи брзо и ефикасно, многу побрзо отколку што трае процесот на изградба на инфраструктурата, посочи вицепремиерот додавајќи дека е потребно да се направи стандардизирање и признавање на сертификатите издадени во земјите во регионот и да се намалат или укинат царините.

Како што информираат од владината прес-служба, покрај Анѓушев на заедничката прес-конференција учествувале и сојузниот министер за економија и енергетика на Германија, Петер Алтмајер, министерката за претриемништво и технологија на Полска, Јудвига Емилевич и заменичката министерка за економија на Бугарија, Лилја Иванова.