Растот на индустриското производство од 12,1 отсто во јуни годинава во однос на истиот период лани  и растот на просечната плата забележан во мај покажуваат дека економските политики на Владата се добри и оти даваат резултати на долг рок, порача вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев на денешната прес-конференција во Владата.

– Економијата се мери со бројки, а не со политизирање. Индустрискиот раст во јуни од 12,1 отсто е максимален раст забележан во последно време. Тоа покажува дека мерките што ги прави Владата се добри и се на долг рок, а потврда е и растот на индустријата од пет отсто за првите шест месеци од годинава во однос на истиот период лани, како и растот од 7,1 отсто на просечната плата во мај, што сега изнесува 24.500 денари, рече Анѓушев и додаде дека во периодот од јануари до мај 2008 година има раст и на извозот за цели 14,1 отсто. 

Потребно е, додаде, мало трпение на граѓаните и бројките ќе си дојдат сами по себи. 

Прашан дали очекува да се  реализира планираниот процент на капитални инвестиции, Анѓушев рече дека во првите шест месеци има мал застој во реализацијата, но додаде дека е оптимист и смета дека до крајот на годинава ќе се реализираат 90 отсто од планираните инвестиции. 

– Малиот застој се должи на тоа што е потребно проектите да се доведат до нормално техничко ниво за да не ни се случуваат непотребни анекси, рече Анѓушев и додаде дека реализацијата на капиталните инвестиции кај државните компании МЕПСО, ЕЛЕМ, ЈП за државни патишта е многу повисока.

Анѓушев не очекува референдумот значајно  да влијае на реализацијата на  капиталните инвестиции, бидејќи како што рече, предвидено е да ја чини државата околу 3,5 милиони  евра, а тоа е помалку од еден отсто од планираните 400 милиони евра за капитални инвестиции. 

– Сите политички случувања, па и референдумот негативно влијаат на економијата, но ценам дека нема позначајно да влијае на економскиот раст на државата, рече Анѓушев.

Нагласи дека референдумот се организира со цел Македонија да се придвижи кон евроатланските интеграции, а токму тоа, како што кажа, значи и поголеми инвестиции во земјата и економски раст на државата и се темели на искуството на сите држави кои се приклучиле кон ЕУ и НАТО.