Гувернерката на НБРМ во видеоразговорот за „Еуромани“

Поголемата финансиска вклученост воопшто, особено поголемата финансиска вклученост на жените, може да донесе голем број економски придобивки за целото општество. Но, за жал, достапните студии и податоци на глобално ниво, како што е Анкетата на ММФ за финансискиот пристап, укажуваат на релативно широк јаз меѓу половите во пристапот до финансии. Ова е сложен феномен што треба да се реши на холистички начин, со политики коишто се вон работата на централните банки, но мислам дека и ние, како централни банкари, можеме и треба да преземеме некои чекори во таа насока, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во видеоразговорот за „Еуромани“.

Со ова денеска започнаа активностите од програмата на големиот Глобален форум на позајмувачи и инвеститори во обврзници.

Разговорот со „Еуромани“ беше посветен на прашања за вклученоста на жените во економските текови, особено во контекст и на предизвиците од актуелната корона-криза, информираат од НБРМ.

– Во однос на пристапот до кредити, жените сочинуваат 45% од вкупниот број индивидуални кредитокорисници, во споредба со 55% мажи, а во однос на обемот на кредити, уште помалку, односно само 38% од вкупните одобрени заеми отпаѓаат на жени. Во однос на динамиката, има подобрување за 3 процентни поени во последните 10 години, односно учеството на жените во вкупните кредити се зголеми од 35% на 38%. Сепак, податоците укажуваат дека машката популација има полесен пристап до финансиите – посочи гувернерката.

Таа укажа на два аспекта на коишто треба да бидат фокусирани централните банки во справувањето со јазот на финансиската вклученост на мажите и жените.

– Прво, можеме да создадеме регулаторно окружување што би довело до поголема конкуренција и нови, поевтини и подобри финансиски производи согласно со потребите на клиентите – пример за тоа се финтек-производите. Тие може да обезбедат полесен пристап до финансии и за жените и за другите групи кои традиционално се помалку вклучени во формалниот финансиски систем. Во овој контекст, ние како централна банка сме во завршната фаза од изготвувањето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи што промовира поголема конкурентност, транспарентност, како и поголема заштита на потрошувачите, што сметаме дека ќе го намали и родовиот јаз во пристапот до финансии. Една од главните предности на оваа нова законска рамка ќе биде воведувањето сметка за плаќање со основни функции, што ќе биде бесплатна за поранливите категории – истакна гувернерката.

Вториот аспект што го посочи е вложувањето во финансиската едукација. Повисокото ниво на финансиска писменост ќе го олесни и пристапот до финансии на граѓаните.

Големиот Глобален форум на позајмувачи и инвеститори во обврзници е еден од најзначајните меѓународни настани во организација на „Еуромани“.