Добивме 176,5 милиони евра од Меѓународниот монетарен фонд, што е навистина добра вест бидејќи е повеќе од двојно од сумата која ја очекувавме, истакна министерката за финансии денес во видеоизјава и посочи дека од исклучителна важност е оваа ликвидносна инјекција која доаѓа на почетокот на април, пред пикот на здравствената криза.

Средствата се добиени под исклучително поволни услови – еднократен трошок при повлекување на средствата од 0.5% и каматна стапка која во моментот изнесува 1,05%. Рокот на отплата е 5 години, а првата отплата ќе започне по три години и три месеци.

Таа посочи дека во тек се преговори со Светска Банка и Европската Унија за обезбедување дополнителни средства кои може да се очекуваат во мај и јуни. Дополнително информираше дека будно се следи пазарот на капитал кој се очекува наскоро да се стабилибизира и се започнува со подготовки за издавање на еврообрзница како би се излегло на пазарот кога ќе се создадат поволни услови.

– Од исклучителна важност е оваа ликвидносна инјекција која доаѓа на почетокот на април, односно во вистинско време пред пикот на здравствената криза која се очекува да се достигне до крајот на месецов. Наскоро, следниот месец очекуваме да се добијат и други средства за кои преговараме од Светска банка и од Европската унија. Будно го следиме пазарот на капитал кој се очекува наскоро да почне да се стабилизира, затоа ќе започнеме и со постапка за издавање на еврообврзница. Во текот на подготовките ќе ја следиме состојбата со цел да го одбереме најсоодветниот тајминг за излегување на пазарот.Ќе ги обезбедиме средствата кои и се неопходни на земјава за да поминеме со што помали последици од коронакризата – вели Ангеловска.

Таа посочи дека мора да се внесат пари во економијата, за да се поттикне економската активност и пред се да се зачуваат работните места.

„Преземаме мерки во вид на даночни ослободувања, во вид на директна финансиска поддршка и ќе преземаме и нови мерки и во следниот период и во периодот на обновување со цел што побрзо опоравување на економијата“,вели Ангеловска.

Во однос на поддршката од ММФ, Ангеловска посочи дека таа доаѓа преку Инструментот за брзо финансирање (Рапид Финанцинг Инструмент) кој обезбедува брза и лесно прилагодлива финансиска помош за земјите-членки на ММФ кои се соочуваат со итни потреби на билансот на плаќање, без притоа да се има аранжман со ММФ.

– Со инструментот може да се обезбеди поддршка за да се задоволи широк спектар на итни потреби, вклучително и оние што произлегуваат од шокови на цени на стоки, природни непогоди, конфликтни и пост-конфликтни ситуации и други вонредни состојби кои можат да ја погодат земјата. Оваа помош од ММФ ќе помогне во финансирањето на мерките за здравствена и макроекономска стабилизација и исполнување на потребите на билансот на плаќање кои произлегуваат од појавата на ковид-19 – рече Ангеловска.