Фото: Игор Бансколиев

Сите мора да имаат ист третман, особено при плаќањето на јавните давачки, посочува министерката за финансии Нина Ангеловска, која најави дека ќе презема мерки за сузбивање на сивата економија.

– Единствено кога губи сивата економија, добиваат сите. Покрај надградувањето на проектот „Мој ДДВ“, ќе има и други мерки. Тука повторно ќе ја посочам технологијата како клучно средство за постигнување на таа праведност и ефикасност. Следете што работам, ќе има промени, зашто секогаш сѐ може подобро. Во Министерството се прават анализи што ќе покажат какви се ефектите на одделни мерки. Оние за кои проверките ќе покажат дека можеби не ги даваат очекуваните резултати и не ги остваруваат планираните цели, ќе се менуваат – укажува Ангеловска.

Таа посочува дека економијата е во добра кондиција. Растот на БДП во првото полугодие изнесуваше 3,6 проценти и е на широка основа, со раст во градежништвото, индустријата и земјоделството, како и раст на приватната потрошувачка и раст на бруто-инвестициите.

Според Ангеловска, каква било промена на стабилниот курс на денарот во однос на еврото би значела загуби за економијата во целина.

– Одвреме-навреме се јавуваат извозници и експерти што одново го отвораат прашањето за курсот на денарот, барајќи промени поврзани со основното монетарно сидро. Тоа можеби ќе доведе до краткорочно стимулирање на извозот, но ќе предизвика ценовни притисоци, неизвесен амбиент, а со тоа и нарушување на вкупната макроекономска стабилност – нагласува министерката за финансии.

Таа истакнува дека за промените што ги најавува важни се човечките ресурси и верува дека во Министерството за финансии има вработени што може да влијаат на уривање на стереотипот за администрацијата, такви што преземаат лична одговорност за да постигнат резултат и не престанале да учат и лично да се надградуваат. Таа посочува дека веќе се работи на сет закони за натамошна либерализацијата на пазарот на платежни услуги, за зголемување на заштитата на депонентите преку натамошно јакнење на супервизијата над банките и за стимулација на пазарот на капитал, информираат од Министерството за финансии.