Банките ќе пресметуваат камати на одложените кредити за да се овозможи нормално функционирање на банкарскиот сектор. Министерката за финансии, Нина Ангеловска, вели дека функционирањето на банкарскиот систем е исклучително важно оти тој треба да влијае на ликвидноста, да кредитира и да помага на приватниот сектор и во кризата, но и по кризата.

– Кога се поставува прашањето дали каматите ќе бидат укинати, замрзнати, одложени или опростени, треба да имаме предвид дека дури и во земјите во кои што се воведе таканаречен мораториум, каматите не се бришат комплетно или одложуваат или опростуваат. Словенија, Црна Гора, Албанија, Србија ќе ги земеме за пример. Дел од овие земји имаат мораториум но редовните камати течат и се пресметуваат и истите се репрограмираат понатаму во следниот период како што се репрограмира отплатата. Секоја банка различно, зависно од договорот со клиентот, кажува дали и за колку ќе се помести целосната отплата на кредитот. Многу е важно да знаеме дека заштитата на банкарскиот сектор не значи дека Владата не бара од банките да се солидаризираат, туку значи дека цели граѓаните да ги заштити и на долг рок, бидејќи стабилноста и на банкарскиот сектор е важна за заштита и стабилност на граѓаните, на нивните средства и во иднина – рече министерката Ангеловска.

Таа објасни дека не се одучиле за мораториум на кредитите оти сметаат дека преку дијалог со банките успеале да го постигнат она што другите земји го прават со мораториум.

– Во јавноста често се коментираше зборот мораториум во изминатиот период, а сите знаеме дека конструктивен дијалог е многу подобар отколку наложување или диктатура. Во изминатите две недели Народната банка соработуваше со комерцијалните банки, со Министерството за финансии и со Владата за заедно да се изнајде соодветно решение. Прашањето за мораториум најчесто се поставуваше за тоа дали сите банки ќе ги одложат отплатите на ратите пред се за физичките лица во следниот период. Веќе гледаме дека тоа се случува и не само за три месеци туку се случува и за шест месеци што е резултат на тоа дека соодветно решение со процена на ризиците и со конструктивен предлог довело тоа дури и подобри решенија да се изнајдат за одлагањето кај поголемиот дел од банките – објасни министерката Ангеловска.

Таа потсети дека економската стабилност на земјата се заснова и зависи и од банкарскиот сектор и нагласи дека истиот треба да биде стабилен и да ја поддржи економската стабилност и по корона кризата.

Трите најголеми банки во земјава веќе излегоа со понуда за олеснувања за отплата на кредитите поради корона кризата, но сите три известија дека ќе пресметуваат камати за целиот период додека се одложени кредитите.