Министерката за финансии Нина Ангеловска, синоќа во Њујорк, во рамки на 74-то Генерално собрание на Обединетите нации (ОН), беше промовирана како една од првите „жени-амбасадори на дигитална трговија“ во светот.

Како што информираат од министерството за финансии, признанието и го врачил Мукиза Китуи, генерален секретар на телото за трговија, инвестиции и развој на ОН.

Покрај Ангеловска, уште шест жени претприемачи од целиот свет ја добија оваа титула од УНКТАД.

– Неискористениот потенцијал на жените ширум светот претставува голема загуба за нашите економии. Синергијата на дигиталната технологија и трансформативната моќ на претприемачкиот дух кај жените, може да придонесе кон намалување на сиромаштијата во ниско развиените земји и земјите во развој, како и забрзување на економскиот раст – рече министерката.

Ангеловска инаку е единствена претставничка од Европа која е прогласена за „жена амбасадор на е-трговија“. Ова признание го доби како соосновачка на „Групер.мк“, првата дигитална платформа за е-трговија од овој тип во Македонија.

Другите избрани „амбасадори на е-трговија“ се: Ксиаофеи Јао од Кина, основачка и извршна директорка на „Рогранд“, Клаудија де Хередиа од Мексико соосновачка и оперативна директорка на „Кичник“, Хелианти Хилман од Индонезија, основачка и извршна директорка на „Џавара“, Назанин Данешвар од Иран, основачка и извршна директорка на „Такфифан“ и Кларис Ирибагица од Руанда, основачка и извршна директорка на „ДМ.ХеХе“.