Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, учествуваше на Годишната конференција и на Годишното генерално собрание на Банката за меѓународни порамнувања (БИС), коишто минатата недела се одржаа во Швајцарија. Двата настани се исклучително важни за развојот на меѓународната соработка во сферата на монетарната политика и финансиската стабилност и за унапредување на комуникацијата меѓу централните банки за клучните прашања коишто го засегаат централнобанкарското работење на глобално ниво.

На годинешното, осумнаесетто по ред издание на Годишната конференција на најстарата меѓународна финансиска институција, во петокот, во Цирих, гувернери и други високи претставници на централни банки, експерти од БИС и професори и истражувачи од реномирани високообразовни и истражувачки центри дискутираа за една од најактуелните економски теми во ерата на дигитализацијата – „Дигиталната економија и финансиските иновации“.

Во рамките на конференцијата, Ангеловска-Бежоска размени мислења за овие прашања со повеќе свои колеги од други централни банки, при што се осврна и на веќе преземените и на планираните идни чекори за поттикнување на примената на финансиските иновации и кај нас и за нивното искористување за развој на нашиот финансиски систем и за обезбедување услови за пристап на што поголем дел од населението до него.

Потем, изминатиот викенд гувернерката на нашата централна банка имаше активно учество на 89. годишно генерално собрание на БИС, коешто традиционално се одржa во Базел. На Собранието учествуваа високи претставници на шеесетте централни банки и други монетарни институции коишто членуваат во БИС и имаат право на глас при носењето одлуки на ваквите собири. Меѓу другото, тие ги разгледаа и ги усвоија најновиот Годишен извештај за работата на БИС и Годишниот економски извештај на БИС за 2019 година. Во усвоениот Економски извештај, меѓу другото, е нагласено дека за создавање посоодветен модел на глобален економски раст, неопходно е воспоставување рамнотежа меѓу монетарната политика, структурните реформи, фискалната политика и макропрудентните мерки, во глобални рамки.

На Собранието на БИС на коешто учествуваше Ангеловска-Бежоска беа донесени и неколку одлуки важни за работата на оваа меѓународна институција.

Особено значајно е што по дискусиите на конференцијата и Собранието, Одборот на БИС го одобри формирањето Центар за иновативни финансиски технологии за централните банки. Овој центар којшто ќе функционира во рамки на БИС ќе им овозможи на централните банки да ја унапредат меѓусебната соработка со цел да ги утврдат релевантните трендови во технологијата и во рамки на својот мандат да ја поддржуваат примената на новите технологии во финансиската сфера, но во исто време, со цел непрекинато да се одржува финансиската стабилност и соодветно да одговорат на предизвиците за нови регулаторни барања, коишто се последователност на финансиските иновации.

Во текот на двата важни настани, гувернерката оствари и билатерални средби со повеќе свои колеги од централни банки членки на БИС.