Главните две финансиски институции на земјава, Народната банка и Министерството за финансии, на годинешниве Пролетни средби на групацијата на Светската банка и ММФ во Вашингтон остварија серија важни состаноци со високи претставници на клучните меѓународни финансии организации и институции.

-На состаноците со раководителите на неколку дирекции на ММФ, дискутиравме за можностите да добиеме нивна натамошна поддршка за дополнително унапредување на работата на Народната банка преку техничка и советодавна соработка во областа на статистиката, со цел натамошно усогласување со меѓународните стандарди за статистичко известување, како и натамошна поддршка во доменот на економското моделирање – изјави гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.

Дискусиите, како што посочи таа, биле фокусирани и на можностите за обезбедување на експертиза која ќе ја зајакне аналитичката инфраструктура на централната банка во областа на финансиската стабилност.
– Детално ги елабориравме нашите визии, кои во целост се во линија со определбата да се придржуваме до највисоките стандарди во областа, рече гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Во изјавата за МИА, таа уште еднаш истакна дека денарот е стабилен и оти проекциите на Народната банка предвидуваат задржување на девизните резерви на сосема адекватно ниво, конзистентно со монетарната стратегија.

Во однос на кредитната активност на населението во земјава, гувернерката истакна дека изминативе неколку години, кредитирањето на домаќинствата бележи релативно стабилен раст.

-Особено е значајно што квалитетот на кредитното портфолио е доста солиден. Учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити на домаќинствата, подолг период наназад е стабилно на нивото од 2,4 отсто. Првичните монетарни податоци за март покажуваат месечен раст и кај депозитите и кај кредитите. Притоа, поради подобрите остварувања на крајот на 2018 година, растот на депозитите, на годишна основа и натаму го надминува растот проектиран за крајот на првиот квартал од оваа година- истакна таа.

Во изјавата, Ангеловска-Бежоска потенцира дека во рамки на дискусијата на состаноците во Вашингтон е констатирано дека банкарскиот систем на земјата е стабилен.

Во врска со меморандумот за соработка во спроведувањето на Анкетата за кредитна активност за земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа, склучен со ЕИБ, во

Вашингтон, Ангеловска-Бежоска со задоволство потенцира дека Народната банка се вклучува во спроведувањето на едно од значајните анкетни истражувања на ЕИБ за регионов и дека со тоа, и нашата земја ќе биде дел од Анкетата.

– Особено значајно е што преку овој проект, на полугодишно ниво, ние ќе имаме можност состојбите со кредитната активност кај нас да ги согледаме и компаративно, во рамки на регионот- изјави таа.

Гувернерката истакнува дека посветеноста на тимот на Народната банка за имплементирањето на најновите европски и меѓународни стандарди и определбата сигурно да се чекори кон Европскиот систем на централни банки е препознаена во меѓународни рамки.

-Тоа и овде, во Вашингтон се валоризира од сите релевантни фактори кои недвојбено оценуваат дека како централнобанкарска институција го даваме својот максимален и најдобар можен придонес за домашната економија и нејзиното приближување до европското семејство – истакна таа во изјава за МИА од Вашингтон.

Ангеловска-Бежоска оценува дека учеството на годинешното издание на Пролетните средби на ММФ и Светската банка е успешно.

Делегација предводена од гувернерката Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии Драган Тевдовски, деновиве е во Вашингтон на остварување работни дискусии и контакти во рамките на Пролетните средби на групацијата на СБ и ММФ.