Амазон воведе пониски цени во синџирот супермаркети Хол Фудс за муштериите кои се претплатници на Амазон Прајм услугата.

Мерката е на сила од денеска, а беше најавувана подолго време, откако минатото лето гигантот во електронското тргување го откупи популарниот синџир супермаркети познат по својата квалитетна, но честопати поскапа и органски одгледувана храна. Во иднина, лицата кои се претплатени на Амазон Прајм услугата ќе можат да добијат значителни попусти на храна и други производи кои се нудат во Хол Фудс.

Со ова Амазон им објави војна на другите американски супермаркети, како што е неприкосновениот водач во пазарот Волмарт, но и синџирите како Трејдер Џо кои се поблиски до концептот на Хол Фудс.

Се проценува дека околу осум милиони Американци кои редовно пазарат во Хол Фудс се воедно претплатници и на Амазон Прајм.