Компанијата „Алкалоид АД Скопје“ две недели функционира во извонредно турбулентни услови. Се бориме за обезбедување резерви на производи што не ни се примарна дејност, но во моментов се од суштинско значење за сите, се соочуваме со огромни логистички предизвици во услови на затворени граници, блокирани и поскапени суровини и амбалажи, секојдневно носиме одлуки што се од исклучителна важност за компанијата, притоа ставајќи акцент на врвниот приоритет – здравјето на луѓето.

Над 200 вработени, кои припаѓаат на ризичните групи граѓани, се отсутни од работа, празните места во производствените погони ги пополнуваме со кадар од административните сектори. Сменското работење е адаптирано на дозволените термини на движење, за да ги исполниме барањата на пазарот.
– Во услови кога сите светски економии се оставени сами на себе и се борат за ублажување на ефектите од нова економска криза, кога губењето работни места е неминовен дел од таа сурова реалност, кога логистичките пречки ја добиваат битката за пласман на производите, ретки се компаниите што можат да ги надминат овие предизвици и да им помогнат на своите економии во вакви тешки времиња – истакнуваат од компанијата.

Додека сѐ уште се консолидираат ресурсите за справување со посилен импакт од вирусот ковид-19, „Алкалоид АД Скопје“, и покрај сите логистички и ресурсни предизвици, одлучи да ги намали цените на 158 свои производи, кои се на листата на најпотребни во секое македонско домаќинство. Почнувајќи од фармацевтските брендови „аналгин“, „кафетин“, „прокулин“, „бетадине“, „ацерола“, „блокмакс“, „бронлес“, лекови за намалување на телесната температура, одредени помошни лековити средства, разни витамини и додатоци во исхраната, средствата за чистење од колекцијата „глос“, сите дезинфициенси, антисептици, средства со антибактериско дејство и други слични производи. Информацијата за намалување на цените на овие производи е проследена до сите чинители во дистрибутивниот синџир (веледрогерии, аптеки, дистрибутери и поголеми синџири на маркети) и очекуваме истото намалување да се пренесе до крајните корисници.

„Алкалоид АД Скопје“ донира 12.300.000 денари (200.000 евра) на посебната наменска донаторска сметка на македонското Министерството за здравство формирана за целите на справување со здравствената криза.
– Осврнувајќи се на сите кризи низ кои компанијата минала во изминативе 84 години постоење, оваа е можеби најневообичаената досега. Изолација сред цивилизација, страв од непознато, борба за зачувување на најскапоценото: здравјето на луѓето. Љубезно апелираме до целата македонска јавност да ги следи и најодговорно да ги почитува препораките на Министерството за здравство и на Владата, за да се превенира најлошото можно сценарио – стои во соопштението на компанијата.
Во оваа пригода би сакале да упатиме голема благодарност и желби за добро здравје на сите здравствени работници во земјава и на сите македонски граѓани, а како традиционален партнер на македонското здравство и фармација и како еден од столбовите на македонската економија, подготвени сме со сите научни, технолошки и кадровски капацитети да помогнеме во справувањето со оваа здравствена криза, затоа што ЗДРАВЈЕТО Е ПРЕД СЀ!