„Алкалоид АД Скопје“ од 5 до 7 ноември годинава настапи како излагач на најголемиот саем на фармацевтската индустрија во светот: „ЦПхИ“ (CPhI – Convention on Pharmaceutical Ingredients) кој се одржа во  Франкфурт, Германија.

На овој глобален настан, единствен од вакви размери од сферата на фармацевтската индустрија, секоја година учество земаат над 2.500 излагачи и повеќе од 45.000 посетители од над 165 земји во светот. Саемот, или како организаторите го нарекуваат во буквален превод „Конвенција на фармацевтски состојки“ за прв пат е одржан пред 30 години и постојано бележи динамика на додавање на нови содржини и пораст на бројот на посетители и изложувачи. На листата на интереси највисоко котирани се активните фармацевтски состојки по што следат готовите фармацевтски формулации, инјектибилни форми/хормони/онколошки лекови, потоа безрецептни лекови итн. 

„Алкалоид“ за прв пат на оваа конвенција присуствуваше во 2004 година, и оттогаш учествува како активен изложувач со цел прецизирање на договорите со глобалните добавувачи на супстанци и готови производи, лиценцирање на нови производи и дополнување на производното портфолио.

„ЦПхИ“ е најважниот настан во годината од областа на фармацевтската индустрија. На едно место може да се најдат преку 30.000 искусни фармацевтски професионалци поделени во 20 сектори меѓу кои: активни фармацевтски состојки,  отови фармацевтски форми, фармацевтски пакувања и машини, интермедиери, договорно производство, биофармацевтски производи и друго. Настанот е извонредна можност за добивање на информации за најновите достигнувања од  областа на фармацевтската индустрија со цел да се одржи чекор со динамичните трендови на фармацевтскиот
пазар.