Акцизата на нафтените деривати се зголемува за три денари, соопшти владиниот портпарол Муамет Хоџа. Владата донесе Уредба за дополнување на Уредбата за примена на Законот за акцизите за време на вонредната состојба. Зголемена е цената на акцизата на безоловниот бензин, дизел горивото и горивото за греење.

– Уредбата е донесена за да се ублажат економските последици од зголемените трошоци за справување со коронавирусот и обезбедување средства за редовно сервисирање на буџетските потреби, а имајќи ја превид вонредната состојба во државата. Воедно зголемувањето на износот на акцизата нема да предизвика дополнителни финансиски импликации за правните субјекти и населението со оглед на фактот дека значителниот пад на цената на нафтата на светските берзи во овој период предизвикува значително намалување и на малопродажните цени на горивата во нашата држава. Сите средства од зголемувањето на акцизата на нафтата ќе одат во Буџетот на државата, односно во фондот за справување со коронавирусот за поддршка и финансирање на мерки, за поддршка на стопанството и социјалните мерки за поддршка директно на граѓаните – истакна Хоџа.

Предложениот механизам овозможува и постепено враќање на постојните износи на акцизи во услови на нормализирање на цените на пазарот што се очекува тогаш кога ќе заврши состојбата предизвикана од здравствено – економската криза. Портпаролот Хоџа извести дека се предвидени мерки и доколку цената на нафтата почне да расте.

– Со оглед на цената на нафтата од околу 20 денари од почетокот на годината досега, промената на цената на акцизата е незначителна во споредба со ова големо намалување. Ако малопродажната цена се зголеми за 10 денари акцизата ќе се намали за еден денар, така ќе остане покачена само два денари. Ако малопродажната цена се зголеми за 20 денари, акцизата ќе се намали за три денари и ќе се врати цената која ја имаме во моментов, пред воведување на оваа антикризна мерка – рече портпаролот Хоџа и нагласи дека Македонија има најниска цена на акцизата споредено со висината на акцизата во другите земји и оти таа е на минимумот на Европската Унија.

За тврдењата дека зголемувањето на акцизата ќе се одрази негативно на цените и дека ќе трпи транспортната или другите дејности врзани со нафтените енергенси, портпаролот Хоџа рече дека се финансиски неоправдани и неосновани.

– Во услови кога цената на нафтата е падната за 20 денари, зголемувањето на акцизата од три денари во услови на криза е оправдано и нема да се одрази на цените на транспортните услуги. Напротив, транспортните компании на почетокот на годината кога ги креирале своите финансиски планови не предвиделе ваков пад на цената на нафтата. Согласно тоа тие веќе остваруваат заштеди по основа на цените на нафтата кои ги плаќаат – објасни портпаролот Хоџа.

Доколку цените на акцизата се зголемат за три денари, до септември при истото драстично намалено ниво на потрошувачка ќе се покријат 18 милиони евра. Портпаролот Хоџа смета дека намалувањето ќе биде 12 милиони евра или во Буџетот по основ на акциза на нафтени деривати, ќе има 228 милиони евра, односно 12 милиони евра минус или 7,5 отсто помалку споредено со 2019 година.

Ако цените на акцизата се зголемат по три денари до декември ќе се покријат 31 милион евра во државниот Буџет.