Тринаесет тимови составени од македонски студенти, заедно со студенти од 27 други држави, викендов ги презентираа своите иновативни и технолошки напредок бизнис идеи. За да може идејата да им стане успешен бизнис, тие можат да добијат и 100 илјади евра поединечно. Вкупниот фонд за поддршка на вакви бизнис-идеи изнесува 530 илјади евра.

Индустрија на интернет игри, програми за финансиско работење, како и заштита на животната средина, се само дел од областите во кои младите со свои идеи, планираат да започнат сопствени бизниси.

– Во почетокот на јуни нашиот комитет за инвестиции ќе ги разгледа сите бизнис идеи и на најдобрите од нив ќе им се овозможи две значајни инвестиции. Првата е до 25 илјади евра и согласно потенцијалот за развој на таа инвестиција, можат да добијат уште една 75 илјади евра. Средствата се овозможени од содружниците на Акцелератор УКИМ, скопскиот универзитет, инвестицискиот фонд „Кримсон капитал“, „Сeeд хаб Скопје“, „РСM Македонија“ и Фондацијата проф. д-р Димитар Стамболиев, со кофинансиран грант од Фондот за иновации- информира извршниот директор на Акцелератор УКИМ, Александар Стамболиев.

Акцелераторот УКИМ за прв пат деновиве беше домаќини на седумдесетина студенти на мастер за бизнис и администрација и шестмина професори од Универзитетот за применети науки и уметности од Луцерн во Швајцарија. Програмата за размена на знаења и искуства за македонски нови бизниси (стартапи) и студентски тимови од Швајцарија “Booster week – Developing Entrepreneurship Together”, ја организира Акцелераторот УКИМ, во партнерство со Центарот за претприемништво и развој (Сид хаб), Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот за применети науки и уметности oд Луцерн.

Ова е почеток на соработка на двата универзитети во насока на развој и поддршка на претприемништвото во нашата држава.

Студентите имаа можност да разменат знаења и искуство со гостите од Швајцарија, а имаа можност и да им биде обезбедена менторска поддршка за унапредување на бизнис моделот и технолошките решенија на 13 стартапи поддржани од Акцелераторот УКИМ. Со тоа ќе се овозможи побрз пристап на нивните производи на глобалниот пазар.