Акцелераторот УКИМ го објави повикот за акцелераторската програма (BAU APA2021) за поддршка на напредните стартапи и брзорастечките компании што се подготвени да го освојат глобалниот пазар. Програмата ќе генерира ново знаење и ќе ги претвори иновативните решенија на стартапите во профитабилни бизниси. Поднесувањето на апликацијата е најдоцна до 12 септември.
Разговаравме со Камен Банковски од „Витоша венчр партнерс“ (Vitosha Venture Partners), од Софија, Бугарија, ментор на акцелераторската програма BAU APA2021 на Акцелераторот УКИМ на темата „Бизнис-план и финансиски проекции“. https://accelerator.ukim.mk/APA2021

Македонија веќе има одлични примери и лидери на екосистеми што создаваат цврсти основи за претприемачи и можности за инвестирање од фондовите за вложувачки капитал

Камен Банковски од „Витоша венчр партнерс“, ментор на Акцелераторската програма на Акцелераторот УКИМ

Која ќе биде вашата улога во акцелераторската програма BAU APA2021 и која беше вашата мотивација да се вклучите?
– Многу сум среќен што придонесувам и учествувам во акцелераторската програмата BAU APA2021 на темите за валидација на бизнис-моделот и финансиско планирање. Финансиите се клучен успешен двигател за претприемачите. Меѓутоа, финансиите, исто така, можат да бидат предизвикувачка област за луѓето што не ги проучиле конкретно. И тешкотијата доста често е психолошка и доаѓа од верувањето дека темата е премногу комплицирана или тешко е да се сфати. Меѓутоа, основите, оние што се најкорисни за претприемачите секојдневно, можат брзо да се разберат и спроведат, без потреба од длабинска финансиска писменост. Без разлика дали планираат почеток на нивната компанија, обезбедување финансии или ја водат нивната компанија, тоа е слична рамка што треба да се искористи и која лесно може да се научи.

Зошто се важни овие акцелераторски програми и кои се бенефициите од нив за стартап-компаниите?
– Во „Витоша венчр партнерс“ сме изложени на доста стартап-апликации секојдневно од многу извори. Можеме јасно да ги разликуваме компаниите што биле дел од инкубација, предакцелераторска или акцелераторска програма или кој било тип програма наменета за поддршка на стартапите. Од една страна, овие програми многу брзо и интензивно го вклучуваат бизнис-концептот што е потребен за развој на идеја или прототип, и претворање во бизнис со солидна и добро разбрана стратегија и јасни оперативни системи воспоставени за да му се обезбеди успех на стартапот. Менторите од таквите програми често се експерти во индустријата и се најсоодветни да им помогнат за специфичните проблеми со кои се соочува компанијата и, всушност, може да го променат животот. Покрај тоа, тие можат да станат долгорочни советници, па дури и инвеститори, доколку се најде заеднички интерес меѓу менторите и стартапот. Дополнително, прифаќањето во таква програма претставува високо ниво на валидација на стартапот. Ваквите програми имаат ригорозни процеси на селекција и должно внимание, што укажува на ниво на квалитет и подготвеност што го гледаат пазарот, како и инвеститорите. Да не зборуваме дека демо-денови на вакви програми честопати ги посетуваат мноштво инвеститори.

Можете ли да споделите со нас некои остварувања и успеси на „Витоша венчр партнерс“ од соработка со стартапи?
– Првото затворање на нашиот фонд го имавме во септември 2020 година и ги направивме првите инвестиции на почетокот на 2021 година. Нашите први четири портфолио-компании имаа мерлив напредок за краткиот временски период во кој соработувавме со нив. Една од нашите компании – „Econic One“, една од најбрзо растечките компании за електронски велосипеди во Европа, има сериозен раст и излезе на новиот пазар со повеќе од 100 нови продажни места и ги зголеми приходите петкратно годинава. „Hobo“, заедничка компанија за микромобилност, влезе во два нови града во Бугарија, влезе во партнерската програма за лојалност на „Visa“ и сериозно ги исполнуваат клучните показатели за успешност. Квендо, чија апликација е наменета за краткорочен престој, заедно со услуги за управување со недвижности за сопствениците на имотот, ги зголеми 30 отсто месечните приходи и започнува со работа во две нови земји во регионот, од кои една е Македонија. „Eirene“, иновативен луксузен бренд за деца, ја зголеми директната продажбата за 30 отсто. Ние им помагаме на сите наши портфолио-компании преку стратегиски и оперативни насоки, истовремено со отворање на нашата мрежа за развој на бизнисот, со цел за стекнување нови клиенти. Нашето портфолио штотуку достигна вкупно 17 компании и со нетрпение очекуваме да достигнеме до 40 до крајот на годината. Со нетрпение очекуваме да видиме како понатаму ќе го развиваме партнерство со нашите портфолио-компании.

Кои се трендовите сега во развиените стартап-екосистеми и како може тие да бидат корисни за екосистеми во развој, каков што е македонскиот?
– Темата за развој на екосистемите привлекува големо внимание и дебати. Дали тие настануваат поради владина поддршка, поради обезбедување финансиска инфраструктура и капитал, или поради силни модели на улоги и лидерство во заедницата? Меѓународните успешни примери покажаа дека не постои единствена најдобра рамка за екосистеми со скокови. Дали пристапот на развој оди оддолу – нагоре или обратно, ќе работи најдобро за развој на екосистем, зависи од контекстот на екосистемот и неговата почетна точка. Меѓутоа, она што го делат успешните случаи е сосема слично. Тоа се механизмите за поддршка и повратни информации и засегнатите страни во текот на животниот циклус на новоотворениот бизнис. Тие се поддржани во текот на патувањето за создавање и валидација на идеи, преку започнување и развој на компанија, сѐ до излегување на пазарот, растење и финансирање на компанијата. И во текот на тие фази различните улоги се од суштинско значење во таа поддршка. Потребни се локални модели и искусни претприемачи, кои водат многу иницијативи од екосистемот. Потребни се подиуми за соработка и размена на идеи наспроти настани, организации, простори за соработка, хакатони. Потребна е заедница на способни и мотивирани луѓе што ќе им понуди ресурси за развој на стартапите. Акцелераторите и капиталот имаат големо влијание во создавање плодна почва за знаење, менторство и градење вештини, заедно со стимулирање на изборот на патот на претприемништвото, создавање нов човечки капитал и таленти во системот. Сите поддржувачки професионални услуги, како правни и сметководствени, имаат специфики што треба да се имаат предвид кога се работи за стартапи и трансакции со ризичен капитал. Покрај тоа, треба да се воспостават законска рамка и законите за трговски друштва, за да се направи деловното опкружување поплодно за стартапите, за инвестициите и заштита на малцинските акционери и правилно структурирање на управувањето. Многу од овие предуслови работат рака под рака и, иако е важно, капиталот и финансирањето од фондовите за вложувачки капитал не се најважната штета. Најчесто, капиталот се инвестира во екосистемот токму затоа што се развива и покажува потенцијал. Македонија веќе има многу од горенаведената инфраструктура, лесно достапна и, што е уште поважно, одлични примери и лидери на екосистеми што создаваат цврсти основи за претприемачи и можности за инвестирање од фондовите за вложувачки капитал како нашиот.

Зошто стартапите треба да бидат дел од BAU APA2021?
– Од сите причини што беа споменати погоре, програмата нуди одлична можност за учење, мрежа од одлични луѓе и може да доведе до можности за финансирање, од кои сите заедно нудат потенцијално влијание врз животот на основачите и нивните компании.

Од Акцелераторот УКИМ посочуваат дека бараат посветен тим од најмалку двајца членови со иновативна идеја и глобална визија за раст, со професионално искуство до пет години, со минимум 51 отсто македонска сопственост и со дефинирана интелектуална сопственост, кои се заинтересирани за тренинг од глобални експерти, искуство од успешни стартапи, професионално менторство, мрежа на контакти, можност за инвестирање од БАУ до 100.000 евра и постојана поддршка.