Проблемот се јавува на ниво на цела држава Фото: Игор Бансколиев

Бизнис-заедницата алармира дека им недостига кадар од различни нивоа на образование и од различни професии, а решението за проблемот го гледаат во промена на структурата на образованието и во правилно насочување на државната поддршка кон компаниите

Со недостиг од работна сила се соочуваат над 60 проценти од компаниите што ги анкетирала Стопанската комора на Македонија. Притоа во анализата, која ја направиле од комората, се покажало дека на компаниите им недостига кадар од различни нивоа на образование и од различни професии. Причината за ваквата состојба, дел од компаниите ја гледаат во заминувањето на работоспособното население надвор од државата, а дел во несоодветното образование и неактивноста на работоспособното население.

Од комората истакнуваат дека дополнителен проблемот за компаниите претставува и одлуката на лицата што се невработени и се со високо образование да не прифаќаат работни позиции што се пониски од стекнатото образование и избираат да седат дома наместо да работат. Оттаму додаваат дека на нашиот пазар на трудот преовладува кадар без искуство, а компаниите бараат работници што ќе можат директно да ги вклучат во производство.

Од СКМ појаснуваат дека недостигот од кадар не е карактеристика само за еден од планските региони во државата, туку се јавува како проблем во целата држава.
– Невработените лица се најчесто со стекнато високо образование од областа на општествените науки и тоа се лица што не можат да најдат работа на пазарот на трудот. Поради тоа компаниите се обврзани да им организираат некаков вид преквалификација и доквалификација за да може да ги вклучат во работниот процес. Многу често, тоа се лица со високо образование, кои не сакаат да работат на позиција за која е потребно пониско ниво на квалификации, иако платите што се нудат во компаниите се повисоки. Има компании што нудат плата до 30 илјади денари, но не можат да најдат кадар бидејќи работниците сметаат дека многу им е подобро да седат дома, отколку да бараат работа – рече Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија.

Јаневска додаде дека компаниите во борбата за работници се соочуваат и со одлив на веќе оспособениот кадар поради миграција во странство, но и со класично меѓусебно преземање на кадарот, што предизвикува намалување на продуктивноста на компаниите.

Од комората сметаат дека решението на проблемот е во промена на структурата на образованието и во правилно насочување на државната поддршка кон компаниите, но и во програмите за преквалификација и доквалификација.
Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, смета дека оперативниот план за вработување годинава е усогласен со бизнисот и ќе обезбеди вработување на 12.000 невработени, кои треба да се вклучат во мерките за преквалификација и доквалификација, практикантство и младински додаток.
– Од кадарот со високо образование се бараат програмери и машински инженери. Со средно и високо образование се потребни технички оператори, техничари, машински техничари. Со средно стручно образование се бараат шивачи, продавачи, возачи, магационери, додека со основно образование се бараат општи работници, работници за едноставни работи, за утовар и претовар, хигиеничари и слично – објасни Јовановска.

Сепак, директорката истакна дека компаниите бараат главно искусен кадар, односно работници што ќе можат веднаш да бидат вклучени во производството.
– Поради овие причини, ние како агенција предвидовме мерка за практична работа со што ќе им се даде можност на невработените преку работа кај познат работодавец да се стекнат со бараното искуство – објасни Јовановска и додаде дека при подготовка на оперативниот план за вработување за годинава се земени предвид барањата на бизнисот.