Фото: Маја Јаневска-Илиева

Добрите економски и билатерални односи меѓу Србија и Македонија може дополнително да се унапредат со јакнење на динамиката и темпото на работа за изедначување на деловното опкружување и постигнување поголема вредност на регионот како една дестинација за инвестирање пред меѓународните пазари и институции, изјави претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, во интервју за еден од српските медиуми.
– Србија е трет трговски партнер на Северна Македонија, веднаш зад Германија и Велика Британија. Во 2020 година е реализирана трговска размена меѓу двете земји во вредност од 781,4 милион долари, што е за 8,6 отсто помалку поради корона-кризата – вели Азески.
Според него, постои голем потенцијал за зајакнување на соработката меѓу бизнис-секторите, особено во областа на иновациите, новите технологии, подобрувањето на услугите и производите за полесен пристап до трети пазари.

– Традиционалните сектори во кои економските врски се добри, но исто така може да бидат и поинтензивни, се земјоделско-прехранбената, металната и електричната индустрија, како и фармацијата. Охрабрувачки е податокот дека во првите месеци од 2021 година трговијата расте. Целта е да се удвои и да се врати на нивото од 2008 година, кога била реализирана трговска размена во вкупна вредност од 1,5 милијарда долари – констатира Азески.
Како што додава тој, ова може да се направи преку заеднички проекти и заеднички инвестиции на сродни компании од двете земји, преку унапредување и продлабочување на економската соработка.
– Еден од општите предуслови за поттикнување и продлабочување на трговско-економската соработка во регионот е развиената патна и железничка инфраструктура, како што е автопатот низ Грделичката Клисура и изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица. Претстои реконструкција на железничките линии, што ќе овозможи забрзан проток на луѓе и стоки – смета Азески.