Македонија има сериозна трговска размена од 1,2 милион долари и стоковна размена од 22,1 отсто со Турција, Албанија и со Бугарија, земјите што ги поврзува Коридорот 8, а состојбата со коридорот е очајна, особено на единствената влезна точка на гас, рече претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески. Тој заедно со потпретседателите и со членовите на управниот одбор на комората остварија работна посета на главната мерна станица на гасоводот на ГА-МА на влезната точка кај селото Жидилово, Кривопаланечко.
Целта на посетата е истакнување на важноста на процесот на гасификација за унапредување на работењето на стопанството и за обезбедување одржлив развој, како и потребата за унапредување на рамномерниот регионален развој.
– Овде сме за да ја видиме фактичката состојба. Треба да има пруга, ама сѐ уште ја нема, има гас што не го користиме, патот е изграден пред 50 години, таква е состојбата со македонските коридори и дополнителните трошоци и условите влијаат на конкурентноста на нашите производи – додава Азески.

Должината на Коридорот 8 низ Македонија е 350 километри, а состојбата е секаде иста. Вкупната должина на коридорот е 950 километри.
– Ја согледавме состојбата и преку нашиот претставник во Владата, сериозно ќе лобираме да се работи на реализирање на нејзините проекции по планот на Владата 2017-2021 година да се реализираат енергично и стоотстотно, а тоа е – изградбата на експресен пат Ранковце – Крива Паланка финансиран од Светска банка и изградба на патен правец Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, каде што се наоѓаме ние, со кредит од ЕБОР. Да се заврши пругата како што е предвидено во овој период и тоа да отвори надеж кај компаниите за подобрување на соработката со овие земји, што е многу значајно – додаде Азески.
Владата, рече, го има испланирано тоа, а ние како комора треба постојано да инсистираме да опстои на тоа и поинтензивно да се сработи. Е.Р.