Азески: Без владеење на правото бизнисот ќе замине од државава

Ако не ги средиме состојбите во правосудството и ако конечно не завладее правото, бизнисот ќе почне да се сели надвор од земјата. Администрацијата мора да добие нов лик. НАТО и ЕУ да, но ни требаат нови пазари и јаки институции. Мора да се насочиме кон градење модерна инфраструктура, развој на рударството и минералните суровини (но не со давање концесии на странски компании), кон трансформација на лон-производството и, секако, кон создавање додадена вредност во земјоделството. Ова се само некои од размислувањата и пораките на првиот човек на најстарото коморско здружување во земјава, Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Во интервјуто дадено за МИА, тој меѓу другото укажува дека три децении живееме и работиме во грч, но и дека на секоја криза треба да се гледа позитивно, да се научи од неа нешто, посебно како да не се повторуваат грешките. Според него, изминатите 30 години не сме успеале да создадеме современа, а веројатно ниту обична држава. Едно од најтешките и најголеми промашувања, како што посочи, е образованието. Тој смета и дека буџетските средства не се користат рационално, домаќински.

Азески во интервјуто се осврнува на изборите, грчката кампања „Macedonia the GReat“, владините мерки за поддршка на бизнисот и минималната плата, пазарните односи со Русија… Особено ја нагласува потребата од одговорност и владеење на правото. Тој подвлекува дека ако некој извршил кривично дело треба да одговара, а не да го користи плаштот на политиката или институцијата.

– Изминатава, 2019-та, ќе биде забележана како година во која Владата се обидуваше да направи поголем исчекор надвор, отколку дома. Беше фокусирана на решавање на крупните политички прашања, чие затворање треба да остави простор за развој на економијата. Ова беше и година во која требаше малку повеќе да се свртиме кон економијата, но разните динамики, особено она што се случи со датумот за почеток на преговорите со ЕУ, па ратификацијата на договорот за НАТО, па имаше проблем со договорот со Бугарија… не оставија простор за целосно да се посветиме на економијата онака како што сакаме. Ако во една реченица треба да ја сублимирам годината, ќе кажам дека е една нормална година во која се решаваа крупни и тешки надворешнополитички прашања, кои, ако се решат како што сме предвиделе, ќе овозможат развој на економијата во наредниот период – објаснува Азески за МИА, и додава дека во моментов нема загрозен сектор, барем не во оние фирми што се членки на СКМ и кои се меѓу најголемите во земјава по профит и број на вработени.

– Можам да зборувам за добри статистички бројки, но во реалноста ситуацијата е посложена. Сепак, имаме надеж дека решавањето на крупните прашања ќе остави простор за економијата – вели Азески.

Тој исто така се осврнува и на изборите наредната година и посочува дека истите тие „се алатка без која не може да постои демократскиот процес и ние не можеме да ги укинеме или да ги пролонгираме на осум или десет години за бизнисот да има бенефиција. Тие треба да бидат ставени во своја функција, да не бидат злоупотребени и максимално да бидат кратки и ефикасни“.

Азески нагласува дека нивното залагање како бизнис-заедница е изборите да се одвиваат во пократок период, да има помалку вонредни избори не затоа што им пречат на бизнисмените, туку бидејќи создаваат „лош сигнал надвор оти нешто невообичаено се случува кај нас, а тоа влијае на нашите позиции како бизнис“.