Автопатот Демир Капија – Смоквица е отворен, со што се комплетира целосно автопатското решение на Коридорот 10 низ територијата на Македонија.
Новата делница во должина од 28,2 километри, ќе го скрати за 25 минути патувањето на тој потег од автопатот „Пријателство“. Преку неа годишно се очекува да поминат 730.000 возила, а побрзото и побезбедно патување треба да придонесе за развој на економијата и поголема соработка на регионот и негова интеграција со европскиот пазар.

По новите 28 километри автопат граѓаните ќе може да возат од денес, а со отворањето е означен почетокот на кампањата „ЕУ за тебе“ за инвестиции на ЕУ во транспортната инфраструктура.
– Поврзувањето е основен чекор за изедначување на нашите регионални стандарди со оние на ЕУ кон која нѐ водат сите патишта. Овој автопат е еден од нив. Овој автопат поврзува и води кон ЕУ. Оваа делница од автопатот „Пријателство“ во себе ја има вградено искрената приказна за поддршка и соработка – рече премиерот Зоран Заев.
Како што истакна генералниот директор за соседски политики и преговори за проширување во Европската комисија, Кристијан Даниелсон, новиот автопат ќе го олесни движењето, ќе го поттикне економскиот развој и ќе обезбеди одржливо и побезбедно патување за компаниите и за граѓаните што ќе го користат.

– Изградбата на делницата Демир Капија – Смоквица беше навистина многу комплексен проект во поглед на геологија, како и геотехника, поради многубројните тунели, вијадукти, високи насипи… Реализацијата на овој проект покажува како може домашни компании од вашата земја, рака под рака со компании од Република Грција, да работат заедно во реализација на овој важен проект – рече Даниелсон.
Според министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, Македонија доби нова модерна и безбедна автопатска делница, проектирана и изградена во согласност со европските норми и стандарди за заштита на животната средина со сите потребни карактеристики за безбедност.
Вредноста на автопатот изнесува 218 милиони евра во делот на изградбата и 10 милиони евра за надзор.

По должината на трасата на автопатот изведени се над осум милиони кубни метри високи насипи и длабоки ископи во теренот, шест моста, два тунела со должина од над 1,2 километар, две сообраќајни клучки кај Миравци и кај Смоквица, сто канали. Поставено е современо енергетско и ефикасно осветлување во тунелите, како и системи за вентилација, за детекција и гаснење пожар, за резервно напојување со електрична енергија, како и СЦАДА-систем за мониторинг и управување со сообраќајот. На новиот автопат треба да има две патарини, кај Гевгелија и кај Демир Капија, за кои пред еден месец е изградена градежна дозвола и се очекува да бидат завршени за осум месеци. Автопатот го градеше грчката компанија „Актор“.
Како што посочи премиерот Заев, за автопатската делница почната во време на претходната власт, како и за другите почнати проекти, е дадено ветување дека ќе бидат завршени.

Шестгодишните активности на терен ги одбележаа обвинувања и критики меѓу двете доминантни политички партии во земјава. Во октомври лани актуелната влада со анекс на договорот за изградба го продолжи рокот за завршување на автопатот до февруари годинава за да се завршат градежните зафати за изградба на Контролниот центар кај Неготино и за дислоцирање на далноводот на МЕПСО. Специјалното јавно обвинителство, пак, минатиот месец објави дека отвора истрага под име „Актор“ за изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица за, како што тврдат, фаворизирање на компанијата на тендерот од страна на претходната власт.